Федералните резерви на САД (ФЕД) ја зголемија основната каматна стапка за четвртина процентен поен во опсег од 2,25 до 2,5 отсто, највисоко ниво од 2008 година.
Ова е четврто по ред зголемување на референтната каматна стапка, која е одраз на континуираното зајакнување на американската економија.
ФЕД во изјавата дадена по дводневната конференција која заврши доцна вчера по европско време, сигнализираше дека очекува забавување на растот на каматните стапки во наредната година.
Одлуката на ФЕД, според АП, ќе ги зголеми трошоците за позајмување на многу потрошувачи и претпријатија.
Овој потег на американската централна банка се случи и покрај тоа што претседателот Доналд Трамп во последниве неколку недели повеќе пати ја напаѓаше ФЕД поради зголемување на каматните стапки и отворено го критикуваше претседателот и таа монетарна институција Џером Пауел. Трамп во своите коментари ја обвини ФЕД дека со зголемување на каматната стапка ја загрозува економијата.
На синоќешната прес-конференција, Пауел рече дека твитовите и изјавите на Трамп нема да имаат влијание врз монетарната политика на ФЕД.
ФЕД, патем, ја смени проекцијата на зголемување на каматните стапки во 2019 година, што значи дека наместо претходно планираните три, два пати ќе ја подигне референтната каматна стапка. Според новата прогноза, намалена е горната граница на референтната каматна стапка на ФЕД на 2,8% од првично проектираните три проценти, јавува АП.
Во пресрет на објавувањето на ФЕД, акциите на американската берзата нагло пораснаа, а по објавените одлуки од средбата почнаа да паѓаат, и за време на прес-конференцијата на Пауел стрмоглаво паднаа.