Пензиите минимално ќе се растат откако власта го смени законот за да куртули од обврската за пензионерите да одвои повеќе пари. Пензионерите се револтирани бидејќи примањата ќе им растат согласно зголемувањето на трошоците за живот, но не и според просечната плата, како што беше случај изминативе години. Со оглед на тоа што инфлацијата е ниска, од Сојузот на здруженија на пензионери велат примањата незначително ќе им се зголемат, а јазот меѓу најсиромашните и најбогатите пензионери уште повеќе ќе се продлабочи, објавува Алфа.
Пензионерите сметаат дека власта побрзала на крајот на декември да го смени законот и тоа токму во годината кога просечната нето плата пораснала за 5.7%, што значи дека ако се останело по старо пензиите би се зголемиле многу повеќе. Велат до крајот на месецов ќе му предложат на министерството за труд вонредно да ги зголеми најниските пензии, затоа што во моментов многу пензии се пониски од износот на социјална помош.
Од министерството за труд, пак потврдуваат дека пензиите ќе се усогласуваат редовно два пати во годината, но само согласно растот на трошоците за живот.
„Исто така воведена е законска одредба за усогласување на пензиите од 1 април, доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4%“ – велат од министерството за труд.
Со години наназад Македонија никако не може да достигне економски раст од 4 отсто. Последен пат ова се случи во 2008 година кога реалниот пораст на БДП изнесуваше 5.5%. Лани просечната пензија во земјава изнесувала 14.421 денар, но дури 170 илјади пензионери имале пониски примања од просекот. Според последните податоци, 7.7% од пензионерите и покрај примањата живеат во сиромаштија.