Македонија ќе стане Република Северна Македонија за околу две недели, кога според процедурата треба да стапи на сила Договорот од Преспа. Грчкиот парламент вчера со 153 гласа „за“ го ратификуваше историскиот Договор, со кој се става крај на 27-годишниот спор за името помеѓу Грција и Македонија. Претходно, македонското Собрание со 81 глас „за“ ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот од Преспа и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 со што тие стануваат дел од Уставот. Со ова, името на земјава е Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.
Според процедурата, сега Претседателот на Грција треба да го потпише Законот за ратификација на Договорот од Преспа и тој да се објави во Службен весник. Објавувањето ќе биде в понеделник, 28 јануари, и со тоа ќе стане официјален закон.
Потоа, Грција ќе го извести Генералниот секретаријат на НАТО дека Договорот од Преспа е ратификуван од грчкиот Парламент, па постојаните претставници на 29 земји-членки на НАТО треба да го потпишат Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија, а тој треба да биде ратификуван и во парламените на нивните земји.
Протоколот за пристапување во НАТО треба да го ратификува и грчкиот Парламент, и потоа Грција ќе испрати вербална нота до Македонија со која ќе ја информира за ратификацијата на Договорот од Преспа и на Протоколот за НАТО.
По приемот на нотата, Македонија ќе испрати вербална нота до Грција и ОН дека Договорот стапува на сила. Потоа, Македонија со писмо ќе ги извести ОН и меѓународните организации дека земјата сега се вика Република Северна Македонија.
По официјалната промена на името следува отворање амбасади во двете земји.