Грејната сезона е на прагот, а се најавуваат сериозни промени. Најголем дел од скопјани кои сега се приклучени на мрежата на БЕГ најверојатно ќе добијат нов снабдувач, новото јавно претпријатие АД Градски енергетски системи (ГЕС).
Кој ќе ги грее скопјани – БЕГ или ГЕС?
На две недели до почетокот на грејната сезона, се уште не се знае кој ќе ги грее Скопјани. На 15 октомври, оваа обврска , како и секоја сезона ќе ја почне БЕГ.
Сепак, Градот Скопје планира лиценцата од БЕГ да премине на новото јавно претпријатие АД Градски енергетски системи (ГЕС).
Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) велат дека ГЕС се уште не доставиле барање за лиценца, а оттаму најавуваат дека тоа ќе го направат во октомври.
БЕГ има лиценци за дистрибуција и производство со рок на важење од 35 години, а за снабдување на 10 години. Трите лиценци, БЕГ ги доби во 2013 година.
Засега е непознато што би значело нивното предвремено одземање. Во меѓувреме во БЕГ се подготвуваат за новата сезона.
„Потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да проверат дали грејните инсталации во објектите се подготвени за грејната сезона. Со цел испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено, потребно е потрошувачите да ги завршат интервенциите на внатрешната инсталација пред почетокот на грејната сезона и тоа да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи“ велат од БЕГ.
Оттаму велат дека потрошувачите можат за сите детали за испораката на топлинска енергија да се информираат на веб-страницата www.beg-snabduvanje.com.mk или да се обратат до Центарот за грижа за потрошувачи на 02 3076 200 или 075 400 100.
ГЕС ќе земе кредит за да вработи 110 луѓе
ГЕС, новото јавно претпријатие формирано од Град Скопје, вработува. Тие очекуваат да ја добијат лиценцата до 1 декември и оттогаш да почнат со дистрибуција на топлинска енергија за скопјани.
„Потребно е да вработиме 110 лица односно машински и електро техничари, електро и машински инженери, економисти и правници. Потребен ни е работен простор од 500 квадратни метри и три помали работни простории на три локации во градот односно Карпош, Центар и Аеродром… Исто така потребни ни се резевни делови за одржување на мрежата, алат, возила, компјутери, мебел“ објаснува директорката на ГЕС Александра Маројевиќ.
Во ГЕС велат дека им се потребни 1.7 милиони евра за да почнат со работа, пари кои ќе бидат искористени за нови вработувања, за обезбедување простории и за потрошни материјали.
Парите ќе се обезбедат преку кредит од 1 милион евра од домашна банка и преку зголемување на основачкиот влог. Оваа одлука веќе помина на Собранието на претпријатието.
АД „Градски енергетски системи“ беше формирано од Град Скопје на 20 јуни годинава. За градоначалникот Петре Шилегов, преземањето на топловодната мрежа е една од фундаменталните мерки кои ги направил Градот во борбата против загадувањето.
„Ќе воспоставиме тарифен модел соодветен на потребите на граѓаните и целокупниот систем ќе биде поврзан што не е случај сега. Ќе можеме на 14.000 луѓе кои се откажаа од ‚Топлификација‘ да им понудите тарифи со кои ќе ги вратиме во системот. Фактот што Градот ќе има топлификација и гасификација ќе овозможи да ги креира политиките за затоплување на домовите, нешто што како стратегија недостасувало во Скопје“, кажа Шилегов на 20 јуни на седницата за формирање на АД „Градски енергетски системи“.
Парното греење поевтини за 7 до 13%
Со последната одлука на РКЕ од 1 август годинава цената на парното греење се намали за 7% за најголемиот дел од потрошувачите во Скопје односно за оние под БЕГ.
За потрошувачите што се снабдуваат од ЕЛЕМ енергетика намалувањето е за 13%, а за оние приклучени на топланата Скопје север за 12%.
Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати сега е 1.600 денари или 19.200 денари годишно.
Грејната сезона треба да почне на 15 октомври и да трае до 15-ти април идната година. Доколку температурите се пониски, снабдувањето може да продолжи и по овој датум, но не подоцна од 30 април.
К. Н.