Зголемен минималец – зголемена невработеност. Експертите предупредуваат дека покачувањето на загарантираната плата ќе влијае негативно на конкурентноста на економијата, на растот на компаниите а со тоа и на стапката на невработеност која се уште е висока и изнесува 17.5%.
„Основно економско правило, тоа се учи во прва година на економските факултети, е дека зголемувањето на минималната плата влијае на порастот на стапката на невработеноста. Во услови кога се уште немаме здраво подобрување на вработеноста малку е дискутабилна мерката за покачување на платите… Тоа е основна лекција“, вели универзитетскиот професор Зоран Ивановски.
И бизнисмените очекуваат намалување на бројот на вработени. Така се изјаснуваат во најновата анкета за деловните тенденции во преработувачката индустрија на Државниот завод за статистика (ДЗС).
„Оценката за економската состојба на деловните субјекти во септември 2019 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а поповолна во однос на септември 2018 година. Се очекува бројот на вработените да се намали. Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во септември 2019 година изнесува 69.4% од нормалното искористување“ се наведува во соопштението од ДЗС.
Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 22.1 %, недоволната странска побарувачка со 18.9 %, недоволната домашна побарувачка со 13.7 % и неизвесното економско опкружување со 13.3 %.
Институтот Finance Think предупреди дека покачувањето на минималецот претставува значаен товар за компаниите. Нивните анализи покажале дека 2/3 од работниците реално заработуваат минимална плата а 1/3 добива дополнителни средства во плик.
„Препорачуваме дека е потребно фокусирање врз продуктивноста на нископлатените работници и технолошкиот напредок во компаниите кои исплаќаат ниски плати“ се вели во ставот на Finance Think.
Токму ова го бараат и бизнисмените – поддршка преку субвенционирање нови технологии и обезбедување евтини кредити.
„Поткрепени сме со лоша старосна структура, имаме многу слаба автоматизација и не можеме да се бориме со она што се случува околу нас“ објаснува Маријана Перковска, претседател на кластерот за текстил.
„Најголем притисок ќе имаат оние од трудо интензивните дејности. Целата е да се покачат платите и на подобрите работници за да нема урамниловка… Мислам дека пазарот ќе го регулира тоа и работниците од помалите конфекции кои евентуално би биле затворени кои не работат директно со клиентите туку втора или трета рака би преминале во дел од поголемите конфекции“, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.
Народната Банка веќе измери пад на продуктивноста од 1.3% во првиот квартал од годинава зашто вработеноста растела со побрзо темпо од економијата.
„Анализирано по сектори, намалувањето во најголема мера се објаснува со падот на продуктивноста во услужниот сектор и индустријата, додека продуктивноста во секторот земјоделство забележа раст“ се наведува во кварталниот извештајот на Народната Банка од август годинава.
Според последните официјални податоци на Евростат кои се однесуваат на 2017-та година еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија.
Сето ова се одразува на конкурентноста на компаниите.
„Продолжениот тренд на раст на платите при истовремен пад на продуктивноста, доведоа до забрзување на растот на трошоците за труд по единица производ, којшто во првиот квартал достигна 7.9% (6.1% во претходниот квартал)“ се наведува во извештајот од Народната Банка.
Владата наложи минималната плата на ниво на Македонија од 1 декември да биде поголема за 16% и да изнесува 14.500 денари. Надлежните признаваат дека е можно да има и затворање на компании, пред се во текстилниот сектор, но велат дека тоа нема да биде преизразено.
„Ние како држава не се мешаме во внатрешната пресметка на компаниите… Минималната плата е заштита за работниците… Не е тоа нешто со кое им правиме притисок на компаниите, напротив ние се обидуваме да им помогнеме на тие компании. Преку субвенционирање на дел од придонесите на пример“ изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Околу 90.000 работници во земјава, пред се во текстилниот и кожарскиот сектор, ја добиваат најниска загарантирана плата.
Минималната плата во Македонија за прв пат беше законски воведена пред речиси седум години. Од октомври 2011-та загарантираниот месечен личен доход беше утврден на 8.050 денари во нето износ односно 12.265 денари во бруто.
За текстилната и кожарската индустрија имаше дополнителен период на прилагодување.
Законски минималецот се коригира секоја година – во 2013 изнесуваше 8.050 денари, во 2014 година 8.800 денари, во 2015 9.590 денари, а во 2016 година 10.080 денари. Владата последен пат ја зголеми минималната плата пред две години и ја утврди на сума од 12.500 денари.