Актуелно 20.12.2019 16:39

Средношколците и покрај заканите од директорите протестираа против загадениот воздух во Скопје (ФОТО)

Средношколците и покрај заканите од директорите протестираа против загадениот воздух во Скопје (ФОТО)

Откако директорката на скопското средно училиште „Никола Карев“ им се закани на учениците да не протестираат за загадениот воздух, на учениците им се придружија и соученици од неколку други скопски средни училишта.

Имено учениците од неколкуте скопски средни училишта меѓу кои и средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Др Панче Караѓозов“ исто така се придружија на соучениците од „Никола Карев“ во протестот против загадениот воздух.

Во врска со заканите против искажување на својот глас против загадениот воздух со свој став се огласи и првата детска амбасада во земјава Меѓаши.

ЗАКАНИТЕ ВРЗ СРЕДНОШКОЛЦИТЕ И НИВНОТО ПРАВО НА МИРЕН СОБИР

Деновиве сведоци сме на притисоци врз младите затоа што изразуваат подготвеност да учествуваат на протест за животната средина бидејќи им е загрозено најелементарното право – правото на живот (Конвенција за правата на детето, член 6).

Се прашуваме кому му одговара младите да бидат на часови, да не го дигнат својот глас, да молчат, да не учествуваат во општествено политичкиот живот, да бидат безгласни, мирни и никаде да ги нема, да го прифатат молчешкум неподносливото загадување?

Да се потсетиме, истите притисоци се случуваа пред само неколку години кога се појави Средношколскиот пленум. И ним им се закануваа дека нема да им ги оправдаат часовите, дека ќе треба да донесат оправдание од лекар доколку сакаат да им се оправдаат…

Притисоците под кои се наоѓаат младите и со кои се соочуваат во нашата на секое ниво загадена животна средина, за жал се поттикнати од актуелната општествена структура која последниве 20тина години мултиплицира нетрпеливост. Насилството, криминалот, заканите…се прелеваат врз воспитно-образовниот систем и продуцираат поделеност, раздвоеност, насилство од секаков вид, искривување на моралните норми…
И сега кога се јавува иницијатива од страна на младите, некому тоа му пречи бидејќи тука нема меѓуетничка поделеност, тука младите имаат простор за заедничка акција без оглед на нивниот културен бекграунд, различностите, бидејќи сите се соочени со истиот проблем: енормната загаденост на воздухот.

Учениците имаат право да се самоорганизираат низ неформални форми на здружување и акции и да се залагаат за истите пред институциите кон кои се однесуваат барањата. Младите имаат енергија и решителност да го бараат од државата она што им е неприкосновено право, а тоа е чист воздух и никој тоа не може да им го забрани и ускрати. Наместо да ги казнуваме треба да ги охрабриме, поддржиме и да им обезбедиме простор во кој ќе можат да го изразат своето незадоволство од загаденоста на животната средина и што е најважно да се потрудиме да им го обезбедиме правото да дишат! И да им се придружиме! Во другите европски земји наставниот кадар не врши притисоци за протестите што се одржуваат секој петок – Friday for future, напротив во многу училишта и како предмет се воведуваат климатските промени и загадувањето на животната средина. Наставниот кадар треба да ги поттикне учениците да бидат дел од промената и да им дадат можност да ги изразат своите ставови и барања.

На децата во Македонија им е загрозено најелементарнот право – правото на живот! Секое второ болно дете минатата година се лекувало од респираторни болести кои најчесто се директна последица на загадениот воздух. Децата се најосетливата група на сите загадувања од животната средина.

Македонија е потписничка на Конвенцијата за правата на детето. Според член 6 од Конвенцијата, Република Македонија е должна на децата да им овозможи да живеат и да се развиваат во чиста животна средина.
Сметаме дека треба да се нагласи и да не се заборави дека примарно заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија (член 8, став 1, алинеја 10). Со Уставот член 43 е загарантирано правото на секој човек на здрава животна средина. Државата е должна да ги унапредува и да ги штити животната средина и природата. Македонија мора да обезбеди услови за остварување на правото на граѓанките/граѓаните на здрава животна средина, да им обезбеди на младите можност да дишат во секаква смисла на зборот!
Fridays For Future Skopje Fridays For Future Skopje

Инаку КУИР денеска исто така објави за скандалот и заканите на директорката на „Никола Карев“ кон учениците во ова средно училиште.

Директорката на скопското средно училиште „Никола Карев“ им се заканува на учениците.

Таа им забранува да протестираат за загадениот воздух.

Во видеото кое беше испратено до редакцијата на КУРИР, јасно можете да слушнете со кои зборови таа им се обраќа на децата.

Овој нејзин потег е скандалозен, а уште позагрижувачки е фактот што, според нашите информации, ова не е единственото училиште во кое децата се жртви на притисок и закани да не излезат на протест.

„Мртва тишина! Тој што вика ууу уште еднаш нека викне, не ми смета. Може повторно и другите да викаат. За секој случај, да ве информирам“.

„Само вие протестирате и нема настава. За последиците не ви гарантирам“.