За пет месеци, преку полисите за приватно здравствено осигурување граѓаните наплатиле 324,4 милиони денари или 5,3 милиони евра од осигурителните компани. Вредноста на исплатените штети е за 28,5 проценти повисока во споредба со истиот лански период, покажуваат податоците со кои располага Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), тавени од осигурителите.
Осигурителните компании годинава исплатиле 1,2 милиони евра повеќе за медицински трошоци покриени со осигурување во однос на споредбениот период. Во зависност од видот на осигурување, премијата и осигурените суми осигурениците добиваат покритија за трошоци направени за приватни прегледи, испитувања, снимања и операции. Приватното здравствено осигурување е најпопуларен осигурителен продукт меѓу другото и затоа што се поголем број на компании го користат во нивните политики за привлекување работници, а воедно и за лојалност а вработените, информираат од АСО.
Во првите пет месеци вредноста на исплатените штети за сите класи неживотно осигурување изнесува 1,95 милијарди денари (31,7 мил.евра). Во однос на истиот период во 2023, вредноста на штетите што ги исплатиле компаниите за осигурување е повисока за речиси два милиони евра, за околу седум насто.
Според АСО, процентуално највисок раст на исплатените средства за штети покриени со осигурување има кај патничкото осигурување. За првите пет месеци осигурителите за изгубен багаж, медицински трошоци при патување во странство и други штети покриени со тоа осигурување исплатиле 42,9 милиони денари (700.000 евра). Тоа е за 40 насто повеќе од истиот период лани.
По приватното здравствено осигурување, од сите доброволни класи, најголема исплата на штети има за каско осигурени возила. За пет месеци нивните сопственици од пријавени штети наплатиле 303,5 милиони денари (4,9 милиони евра). И тоа е за 26 насто повеќе од претходната година.
Во најголемата осигурителна класа, која воедно е и законски задолжителна – автомобилската одговорност, исплатени се 998,4 милиони денари (16,2 милиони евра), што е малку пвќе од половина од вкупно исплатените средства за штети покриени со осигурување.
Во првите пет месеци годинава, 11 осигурителни компании за неживотни осигурувања исплатиле над 58.400 штети на осигуреници.