Актуелно 21.07.2018 11:06

ВМРО-ДПМНЕ: Зоран Заев и СДСМ на најбрутален начин го газат достоинството на Македонија и македонските граѓани

ВМРО-ДПМНЕ: Зоран Заев и СДСМ на најбрутален начин го газат достоинството на Македонија и македонските граѓани

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСМ загази во криминал и сите манипулации околу референдумот и партиските преговори се само обид да се покрие грабежот што се одвива во моментов.

-Додека граѓаните се вознемирени дали ќе биде распишан референдум и дали тој ќе биде задолжителен или консултативен, Зоран Заев дава монопол и 35 милиони евра на фирма која постои еден месец и е единствена која конкурирала. Додека граѓаните се во дилема околу двосмисленото прашање што се предлага, Зоран Заев фрла 350 000 евра за мебел и кујни во МЕПСО. Додека граѓаните се грижат за составот на државната изборна комисија што треба да го реализира референдумот и да гарантира фер гласање, Заев дели 10 милиони евра на фирми на Кочо Анѓушев, Хари Локвенец и други сопартијци и послушници, претставувајќи ги како иноватори, се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија велат дека Зоран Заев и владеачкото мнозинство по секоја цена сакаат да го реализираат штетниот и капитулантски договор со Грција.

-Со погазување на Уставот и законите Зоран Заев и СДСМ на најбрутален начин го газат достоинството на Македонија и македонските граѓани. Обидот да се измени Изборниот законик со мнозинство од 61 пратеник без било каква консултација со експертите и опозицијата говори за фрустрациите на Заев. Никој во досегашната парламентарна историја не се обидел да ги заобиколи демократските принципи кои се градени од сите релевантни политички партии со децении наназад. Огромното мнозинство на граѓаните на Република Македонија даваат поддршка на европските и западни вредности, но никако не даваат на овие катастрофални и погубни политки водени од Зоран Заев, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Од таму велат дека реформите и желбата за промени во општеството се она што треба да го направи оваа неспособна власт.

-Договорот со Грција не е добар. Тој во ниту еден случај не го гарантира македонскиот идентитет. Со овој договор се брише името Република Македонија, македонската историја, традиција и култура. На уцените на Зоран Заев кон македонскиот народ им нема крај. Со манипулации во јавноста сакаат да прикажат дека оној кој што е против штетниот и капитулантски договор е против евроатланската интеграција на Република Македонија, велат од опозициската партија.

Од таму порачуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е принципиелна партија.

-ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои на ставот дека условите кои еднаш важеле за избори треба да важат и сега. Почитување на пржинскиот концепт на техничка влада пред избори е единствен начин како граѓаните ќе можат непречено да ја искажат својата волја. ВМРО-ДПМНЕ бара почитување на концептот за финансирање на политичките партии кој веќе беше договорен. Македонските граѓани заслужуваат власт која вистински ќе се води по европските принципи за почитување на Уставот и законите, особено за важни прашања поврзани со носење на одлуки за иднината на државата како што се македонските интеграции во Европската унија и НАТО, се вели во соопштението.

Најнови вести