Политичките партии годишно ќе делат по 4,5 милиони евра од државниот буџет според пресметките направени со новото законско решение што експресно се изгласа со 101 глас „за“.
Според измените во Законот за финансирање на политичките партии, ставката за финансирање се покачува од 0,06 на 0,15 отсто. На годишно ниво, политичките партии ќе добиваат по 4,5 милиони евра, ако се земат во предвид моменталните вкупни изворни приходи на државата.
За сметка на зголемените средства кои ќе се добиваат од државата, се намалува дозволената сума која политичките партии можат да ја добиваат како донација од физички и правни лица. Со новиот закон, дозволено им е донациите да изнесуваат максимум 1,470,540 денари. Едно физичко лице може да донира максимум 735,270 денари, што е за половина помалку со донациите кои можеа да се прават согласно претходното законско решение.