Живот 15.09.2025 09:06

Нови трговски преговори меѓу САД и Кина, рокот ТикТок да најде купувач истекува

Нови трговски преговори меѓу САД и Кина, рокот ТикТок да најде купувач истекува

Американските и кинеските претставници денеска ќе продолжат со трговските разговори во Шпанија, бидејќи се приближува рокот за кинескиот сопственик на ТикТок да најде купувач или да се соочи со забрана во Америка.

Преговорите, предводени од американскиот секретар за финансии Скот Бесент и кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, се најновиот обид да се стави крај на трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот.

Врховните трговски делегации од Пекинг и Вашингтон последен пат се сретнаа во јули, кога постигнаа договор за продолжување на примирјето со царините за уште 90 дена, до 10 ноември.

Откако првично побара ТикТок да биде забранет за време на неговиот прв мандат, Трамп го смени својот став за популарната апликација за споделување видеа и ја одложи забраната три пати досега.
Во разговор со новинарите на Би-Би-Си Трамп рече: „Можеби ќе дозволиме ТокТок да умре. Или можеби… не знам. Зависи.“

Ова се случи во време кога се зголемуваат очекувањата дека рокот, кој треба да истече во среда, ќе биде продолжен по четврти пат. Минатиот месец, Трамп посочи дека ќе продолжи да го продолжува рокот додека не се најде купувач за ТикТок, а загриженоса за националната безбедност и приватноста поврзана со апликацијата и нејзината кинеска матична компанија ByteDance ја нарече преценета.

Трамп беше многу критичен кон ТикТок за време на неговиот прв мандат во Белата куќа, но го омекна својот став откако доби популарност на апликацијата за време на претседателските избори во 2024 година. Во август, Белата куќа го лансираше својот официјален профил на платформата.

Апликацијата е една од најкористените платформи на социјалните медиуми во светот, со околу 170 милиони корисници во САД.

За време на разговорите оваа недела, се очекува официјалните лица да ги постават темелите за потенцијална средба меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг уште во октомври, кога е закажано да присуствуваат на самит во Јужна Кореја.