Премиерот Христијан Мицкоски, кој престојува во работна посета на Брисел, попладнево ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе претставува можност за демонстрирање и потврда на силата на стратешкиот однос меѓу Унијата и регионот и придобивките што тој ги носи за граѓаните.
На Самитот, со кој ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, покрај премиерот Мицкоски, ќе учествуваат и лидерите на останатите пет земји кандидати или аспиранти за членство во Унијата од Западниот Балкан, како и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Главни теми на собирот ќе бидат стратешко партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан, постепената интеграција во Унијата и Планот за раст на регионот, како и надворешните работи, безбедноста и одбраната.
Како што најави Советот на ЕУ, предвидено е на крајот од Самитот да биде објавена декларација и од партнерите од Западниот Балкан се очекува да се усогласат со неа.
Според најавата, Самитот ќе ја означи важноста на политичките и економските односи меѓу ЕУ и партнерите од Западниот Балкан, особено во сегашниот геополитички контекст и потребата од сè посилни врски меѓу Унијата и регионот.
– ЕУ ќе ја потврди целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западниот Балкан, како и на постигнатиот напредок во процесот на проширување, што е одразен во најновиот извештај на Комисијата. На самитот ќе се нагласи важноста од видлив напредок во реформите, усогласувањето со европското законодавство, регионалната соработка, добрососедските односи и помирувањето, се додава во најавата.
Во неа натаму се нагласува дека ЕУ е посветена на приближување на партнерите од Западниот Балкан кон неа уште за време на процесот на проширување.
– Нивната постепена интеграција е во тек во неколку области на политиката, подготвувајќи ја основата за пристапување и носејќи конкретни придобивки за граѓаните, посочува ЕУ.
Се очекува на состанокот ЕУ да го поздрави конкретниот напредок во постепената интеграција на партнерите од Западниот Балкан, особено преку Планот за раст на регионот лансиран во 2023 година, со цел дополнително да ги интегрира западнобалканските земји во единствениот европски пазар, да ја унапреди регионалната економска соработка, како и да ги стимулира потребните реформи поврзани со пристапувањето кон блокот, за што се обезбедени шест милијарди евра наменети за реформски процеси и инвестиции.
Во рамки на грчката иницијатива за заедничка иднина на балканските земји и Европа, денеска во Солун ќе се одржи Конференција на високо ниво за европските перспективи на Западниот Балкан насло
– Планот за раст има потенцијал да го забрза економскиот раст на регионот во текот на следната деценија и да ја зајакне социоекономската конвергенција помеѓу Западниот Балкан и ЕУ, под услов партнерите да ги спроведат реформите поврзани со пристапувањето кон Унијата. ЕУ е примарен и најсигурен партнер на Западниот Балкан. Таа е главен трговски партнер, инвеститор и донатор на регионот, се додава во најавата.
Во неа натаму се наведува дека лидерите на ЕУ и на Западниот Балкан се обединети во нивната непоколеблива поддршка и солидарност со Украина.
– Европската Унија ги поздравува оние партнери од Западниот Балкан кои веќе се целосно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и охрабрува понатамошни усогласувања од страна на оние кои сè уште не го сториле тоа, се нагласува во најавата на Самитот.
Предвидено е лидерите да разговараат и за соработката во областите на безбедноста, одбраната, отпорноста на хибридни и кибер закани и борбата против странското мешање и дезинформациите.
– ЕУ и Западниот Балкан имаат заедничка одговорност за справување со заедничките предизвици. Тие ќе разговараат и за активностите и заедничките напори во клучните области: менаџирањето на миграцијата, визната политика, борба против трговијата со луѓе, управувањето на границите и борбата против корупцијата, трговијата со дрога и организираниот криминал и спречувањето и борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, се додава во најавата за Самитот.
Ваквите Самити се предвидени со Стратешката агенда на Европскиот совет за периодот 2024-2029 година и редовно се одржуваат од 2018 година. Претходниот Самит ЕУ-Западен Балкан се одржа лани во декември во Брисел, а следниот е предвиден за во јуни 2026 година во Црна Гора.
Инаку, за време на посетата на Брисел, премиерот Мицкоски е придружуван од министрите за надворешни работи и за надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашање Орхан Муртезани.