Вчера беше потврдена една од најзначајните одлуки за подобрување на стандардот и вреднувањето на трудот на сите вработени во секторот одбрана.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, најави дека се реализира историско покачување на платите од 10% за сите припадници на Армијата и вработените во Министерството за одбрана.
Претставниците на синдикатите во одбрана и Армија истакнаа дека се горди на постигнувањата и на прес-конференција со министерот Мисајловски искажаа благодарност за премиерот Христијан Мицкоски и министрите за одбрана и финансии.
-Што значи ова за нас? Вистинско вреднување на трудот, пожртвуваноста и професионалноста на секој припадник на Армијата и вработен во одбраната. Подобар стандард и достоинствени услови за сите кои секојдневно се грижат за безбедноста на нашата татковина. Потврда дека социјалниот дијалог дава резултати кога преговараме за подобри права и услови за работа за што искрено благодариме на Владата, премиерот и министерот за одбрана. Социјалниот дијалог и заложбите за подобрување на материјалниот статус на вработените остануваат наш врвен приоритет, се наведува во соопштението од НСО.
Независниот синдикат на одбраната продолжува посветено да работи за подобрување на правата, достоинството и подобрите услови за сите свои членови.
Синиша Станчевски од Независниот синдикат на одбраната, зборуваше за досега постигнатото и порача дека вака изгледа вистински социјален дијалог.
-Како репрезентативен синдикат, се гордееме со постигнувањата што ги постигнавме во овој период. Со помош на министерот и премиерот на Владата на Македонија, успеавме да овозможиме 10% зголемување на примањата од 1 јануари. Исто така, успеавме на лицата кои наполнуваат 45 години старост да им овозможиме достоинствено да останат во Армијата. Овие реформи не би можеле да се случат без залагањето на министерот. И мислам дека со вакво работење ќе успееме и во уште подобри достигнувања, рече тој.
Од овие синдикати велат дека тврдењата за барањата за протест на Насковски не му се точни и дека тој зборува за проблеми кои веќе се решени.
-Согласно со член 40 од Законот за служба во Армијата, имаме две ставки, каде што професионалните војници по 45 години старост можат да засноваат работен однос во Министерството за одбрана или да се префрлат во друга институција, што е едно право, и каде што ги уживаат сите права да излезат во пензија или да земат отпремнина.Лично господинот Александар Насковски одбрал отпремнина и земал над 30.000 евра, што тој доброволно го избрал.Сега, може тој ги потрошил парите. Тоа е негов личен проблем, но не може, на пример, неговите лични проблеми тој да ги пренесе на професионалните војници. Ние како репрезентативен синдикат на ниво на професионални војници, не го поддржуваме тој протест, бидејќи законски тоа е решено, рече Алити.
Претставниците на репрезентативните синдикати повикуваат да не се паѓа под превезот на Насковски, за кој велат дека е човек со проблеми и дека тие во повикот за протест нема да учествуваат.
На последната владина седница помина буџетот за 2027 година. Тоа значи дека моментално влегува во Собрание и од Одбрана прават историски чекор.
-Платите во Армијата и одбраната се зголемуваат за 10 проценти. Тоа значи историско најголемо зголемување во апсолутна вредност. Тоа значи се зголемува основната плата, но и сите компоненти што се опфатени во платата, изјави министерот Мисајловски.
Мисајловски посочи дека преку социјален дијалог и во соработка со синдикатите беше постигнат овој исчекор.
-Ветив многу пати дека ќе работам заедно со синдикатите, заедно со Армијата, оваа институција да биде најдобрата во државата, а со овој чекор по примањата навистина стануваме една од најдобрите институции во државата. Честитки до сите вработени, бидејќи тоа го заслужуваат, го заслужува Армијата, ние сме НАТО Армија и преку социјален дијалог ова го оствариме, потенцираше Мисајловски.
Мисајловски изрази благодарност до премиерот Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска за поддршката бидејќи, како што рече, со новиот Буџет опфаќаат се што е потребно за следната година, но и зголемување во вредност на буџетот.