Со злоупотреба на државните ресурси за задоволување на хедонистичките страсти не се оди во Европа. Залудно Заев се обидува да го продаде името и да ја избрише историјата, традицијата и културата, додека тој и неговите функционери со државни хелихоптери одат по ручеци или директори си праќаат службени полициски џипови за да им ги прошетаат децата по грчките плажи, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
-СДСМ ја третира државата како своја лична сопственост. Тоа го покажаа функционерите на СДСМ во повеќе наврати со својот хедонизам и расипништво, со тендерите и грантовите доделени на фирми во сопственост на државни и партиски функционери. Самоволието и злоупотребата на службената должност стана општа пракса на локалните шерифи од СДСМ. Последен е примерот со злоупотребата на службеното возило на директорот на БЈБ, Лазе Велковски кој го користи за свои лични потреби. Функционерите на СДСМ ги злоупотребија и државните пари, парите на граѓаните, кога во неколку наврати се обидоа да го оштетат буџетот на Република Македонија за милионски суми и да доделат тендери на фиктивни фирми креирани за една употреба, испумпување на државни пари. Тендерите и грантовите станаа главна валута за исплата на партиските послушници кои во изминатите години го одработија сценариото за распродажба на македонските национални и државните интереси. Македонија нема да оди напред со капитулација, со откажување од се што е македонско. Со откажување од минатото, државата нема ниту иднина. Ваквите изблици на хедонизам и расипништво, корупциски скандали и сомнителни зделки само ја одалечуваат државата од евроатланските интеграции, а штетата не може да се надополни со потпишување на штетни антидржавнички, анационални договори, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата порачуваат дека ваквото однесување секојдневно не оддалечува од нашите евроатлански аспирации.
-Одговорност мора да има, правосудните органи мораат да започнат да си ја вршат својата работа и наместо со партиски нарачки и политички монтирани случаи, мораат веднаш да почнат да се занимаваат со истражување на низата на коруптивни скандали на владата на СДСМ кои се актуелни во македонската јавност. Доколку ова не се случи тие стануваат директни соучесници во општиот грабеж и искористувањето на државните ресурси за своите лични потреби. Правосудните органи мора да престанат да ги амнестираат функционерите на СДСМ кои на дело се фатени како ги кршат законите. Правната држава мора еден ден да се врати и тогаш сите кои се огрешиле пред законот ќе одговараат подеднакво како што ќе одговараат оние кои не ја спровеле правдата, а тоа била нивна должност. Само така и само тогаш, граѓаните со крената глава и гордо ќе можат да кажат дека Македонија победи, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.