Актуелно 07.08.2018 18:46

Соработници без кои Заев не може

Соработници без кои Заев не може

Сомнителен тендер во министерството за здравство“, „Скандалозна збирка песни издадена од АМС“, „Се бара правда за Саздо“, „Џип на МВР со четири девојки лета по грчките патишта“, „Срамен тендер во министерството за одбрана“ се само дел од насловите во медиумите, а кои го одбележуваа изминатиот период од владеењето на актуелната гарнитура на СДСМ.

Нема ден Македонија да не се разбуди со нов скандал поврзан со државен фунционер кој што во секоја нормална, европска држава би предизвикала пад на извршната власт. Се злоупотребува се, од хеликоптери за одење на ручеци па се до полициски џипови до автокампови во Грција.

Но што ваквата нова македонска доктрина на власта предизвика до сега и кои се тие луѓе кои се незаменливи и ненадоместливи за премиерот Заев?

1.Дарко Каевски

Агенцијата за млади и спорт издаде збирка поезија во рамки на проектот „Млади поети“, во која се објавија стихови со недолична и дискриминаторска содржина. Една од песните е со наслов „Партиски вработена“ која изобилува со сексизам, вулгарности и навреди, додека другата песна за која имаше бурни реакции на социјалните мрежи и во кои грашаните препознаваат албанофобија, е со наслов „Моите соседи“. Уредник на публикацијата, испечатена во тираж од 5.000 примероци, е директорот на Агенцијата, Дарко Каевски.Иако јавноста бурно реагираше, премиерот Заев го правдаше директорот со објаснување дека тој не бил должен да чита и „од таа причина не сум човек кој веднаш разрешува луѓе или слично“.

2. Радмила Шекеринска

По откривањето на аферата дека министерката за одбрана сама си доделила финансиска помош на невладина огранизација во која самата членува се откриваат уште неправилности во делењето на државните пари. Имено две здруженија во чии раководни структури се наоѓаат министри од владата на Зоран Заев добиле финансиски средства од Министерството за одбрана. Од сметката на министерството за одбрана ќе се префрлат 400.000 денари на здружението “Мултикултура“. Во ова здружение како што може да се види во организационата структура го има како заменик претседател на Управниот одбор Зоран Шапуриќ актуелен министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија. Шапуриќ патем во владата на Заев доаѓа од Либерално Демократската Партија која е коалиционен партнер на СДСМ. Министерството за одбрана воедно доделува пари и на невладината организација “КХАМ” каде што министерството доделило 150.000 денари. Но ако се погледне биографијата на Аксел Ахмедовски актуелниот министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија ќе се забележи дека токму тој е основач но и претседател на Управниот одбор и правен советник на невладината организација “КХАМ”. Ахмедовски е потпретседател на партијата ПЦЕР која исто така е коалиционен партнер на СДСМ. На оваа листа може да се додадат и тендерите во кои Министерството за одбрана набави бадеми и лешници за 5.000 евра, морски плодови од 80.000 евра, како и торти и колачи во вредност од 60.000 евра.

3. Јован Десподовски

Јован Десподовски како прв човек на Фондот за иновации, успеа да подели 10,5 милиони евра на компании меѓу кои и на владини функционери како Кочо Анѓушев, Хари Локвенец и Цветанка Ласкова. Откако јавноста остро реагираше за тоа кој се е иноватор, Јавното обвинителство отвори предмет за доделувањето на грантови, а Деспотовски отпосле побара фирмите на кои им даде пари да кажат дали се на државни функционери.

4. Кочо Анѓушев

„Република Македонија со сигурност е богата со човечки потенцијал, кој може да ја развива иновативноста“. Ова се зборовите на Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, обраќајки им се на добитниците на грантовите, пред Анѓушев да го земе грантот за иновација. Иако вели дека неговите компании сега се самостојни, по негово укажување тие се откажаа од 160.000 евра. Сепак, кусо потоа, се појави нова афера со друга негова компанија која како единствена пријавена зема тендер од 40.000 евра за поцинкувана жица. Кон крајот на април, во екот на завршување на преговорите со Грција зад затворени врати, Анѓушев за скоро пет милиони евра продаде една своја компанија на грчкото електростопанство. Премиерот Зоран Заев индиректно потврди дека вицепремиерот Кочо Анѓушев му ја понудил својата оставка по скандалот со доделените средства од фондот за иновации. На прашањето дали се вистинити информациите дека Анѓушев му понудил оставка, Заев одговори: „Функционерите не се венчани за фотелјите, но кај случајот со Анѓушев нема основа за оставка, се е чисто… овде не видов основ за оставка“.

5. Цветанка Ласкова

ИТ фирмата „Декодикс” од Скопје од Фондот за иновации и технолошки развој на неодамнешниот конкурс доби 20 милиони денари или околу 330.000 евра за проект наречен „Декодирај – Ме”. Фирмата е регистрирана 43 дена пред да го добие грантот и досега не е позната во информатичкиот сектор, а меѓу сопствениците на фирмата е и сопругата на синот на Цветанка Ласкова, советничката за култура во кабинетот на премиерот Зоран Заев. Ласкова изјави дека како советничка на Заев ниту влијаела за добивање на грантот, пак дека знаела дека синот и снаата аплицирале за иновацијата. „Како советник за култура во Канцеларијата на премиерот, немам никаков пристап во креирање на економските политики на владата, а најмалку во доделување на државната помош. Јас не сум именуван функционер, туку службеник кој извршува професионални работни задачи исклучиво во областа на културата“, напиша Ласкова. Фирмата „Декодикс“ не се откажа од грантот.

6. Хари Локвенец

Хари Локвенец, пратеникот од редовите на СДСМ од Фондот за иновации доби 162.000 евра. Тој како косопственик на печатницата „Гинис“ од Прилеп сепак, под притисок на јавноста го следеше примерот на Анѓушев и „Гинис “ се откажа од грантираните 10. милиони денари добиени во првиот јавен повик за финансирање на микро, мали и средни претпријатија од Планот за економски раст.

7. Венко Филипче

Жестоки реакции во јавноста предизвика аферата кога фирма која е основана пред само четири месеци и за сопственик има 27 годишен државјанин на Србија го доби тендерот за централизирана набавка на апарати и реагенси за лабораториите за испитување на крв во Јавните здравствени установи низ цела Македонија. Со тендерот компанијата требаше да добие монопол над целиот пазар со апарати и реагенси за испитување на крв во сите Јавни здравствени установи во Република Македонија. Дополнително скандалозно е што во самата тендерска документација беа наведени спецификации за модел на апарати кои одговараат само на еден производител, АБОТ, иако на пазарот има уште десетици модели за апарати за испитување на крв. Министерот за здравство, Венко Филиче, ја прекина тендерската постапка за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи, што изминатов период доведе и до барање за негова оставка од неколку политички партии поради сомнежот за наместена постапка.

8. Оливер Спасовски

Оливер Спасовски можеби е еден од кадрите на Заев кој според упатените е најзрел за смена. Тој за една година се соочи со огромен број скандали поврзани со нерасчистени убиства, зголемена небезбедност, грабежи и насилства. Прв случај е убиството на младиот Мартин Јанушев кое се случи пред неговиот дом вечерта на 3 ноември 2017. Досега ниту е фатен сторителот, ниту е отпочната постапка пред судските органи. Во меѓувреме, во декември 2017 година, се случи и убиството на 24-годишниот Бурим Идризи на автобуска постојка во Чаир, а последен од сите случаи беше убиството на Никола Саздовски Саздо пред месец дена кој со денови се премолчуваше во јавноста и кој на почетокот се водеше како насилство, а не како убиство. Патем за овој случај осомничени се тројца, а еден се уште е недостапен за полицијата.