Македонија ја има најнеспособната влада, а за жал градот Скопје го доби најнеспособниот градски татко, стои во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
-Денес во главниот град не е главна тема правење на булевари, паркови, водоводи и канализации, туку главен проблем стана рутинско прскање против комарци. Петре Шилегов не може да се справи со обични комарци, не пак да изгради некаков проект или реши некој позначаен проблем. Шилегов ги остави граѓаните на милост и немилост на комарците кои можат да се пренесуваат најразлични болести кои се присутни и во Европа и регионот, од типот на Зика, Нилска треска, маларија, лајшманија. Само во државите на ЕУ оваа година се пријавени 51 случај на заболени од Западно Нилска треска, додека во Србија се пријавени дури 70 случаи, потенцираат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Шилегов и СДСМ најобичното прскање против комарци го претворија во епохална битка која не можат да ја победат, а сето тоа го трпат граѓаните.
-Животот и здравјето се загрозени. Амбулантите секојдневно се полни со граѓаните кои се жалат на разни инфекции, алергии и убоди кои се резултат на наездата на комарци и неспособноста на Шилегов да се справи со нив. Наместо граѓаните да бидат приоритет и да се решеше овој проблем уште пред неколку месеци, Шилегов ги остави комарците да умираат од старост. Најтрагикомично во целата ситуација е што градските служби се обидоа да ги изманипулираат граѓаните дека вршат прскање против комарци со старо видео прикачено на интернет. Кога веќе граѓаните не можат да се спасат од комарците, нека се спасат од Петре Шилегов. Шилегов нека ги спаси скопјани што побрзо и нека си даде оставка, бидејќи градоначалник на Скопје не е место кое може да се раководи со неспособност, незнаење, неработење и незаинтересираност, истакнуваат од партијата.