Актуелно 20.10.2018 12:28

„Али Баба“ урива рекорди, интернет продажбата во Македонија на почеток

„Али Баба“ урива рекорди, интернет продажбата во Македонија на почеток

Али Баба“ руши светски рекорди, а во Македонија освен специјализираните он-лајн продавници и веб страниците за групни попусти ретко која фирма ги продава своите производи на интернет. Она што во светот стана секојдневие, македонските компании допрва треба да го научат. Ако дигитализацијата за нив стане редовна пракса, значително ќе можат да ги намалат трошоците за дистрибуција и маркетинг на производите.

„Ако компаниите ја воведат дигитализацијата, трошоците ќе паѓаат различно зависно од видот на компанијата. Без разлика дали се работи за трошоци за прекугранична трговија, царини, поефикасни складишта и логистика, идејата е со користење на конкретни податоци и поголема видливост на производот, позитивен ефект да може да има секоја компанија“ – вели Роберт Бајдман од GS1.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека македонскиот бизнис дури сега учи за предностите на дигитализацијата, по 30 години изгубено време за справување со основните предизвици на економијата. За да има он-лајн продажба, неопходно е да се развива индустријата и извозот. Велат двигатели на дигитализацијата и новите технологии се единствено странските инвеститори.

Ретките компании што нудат продажба на своите производи по електронски пат, најчесто работат исклучиво на територијата на државава. Претходната Влада помагаше при изработка на интернет продавници, но сепак, денеска, на интернет не продаваат ниту 1% од вкупниот број на македонски фирми.