Македонските компании се потешко наоѓаат работници. Ова е еден од главните предизвици кои го ограничуваат растот на среден рок, сметаат бизнисмените. Од друга страна стапката на невработеност останува релативно висока, 17.5%.
Проблемот е во дисбалансот меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд – кадрите кои и се потребни на економијата едноставно не се произведуваат.
„Веќе два месеца имам објавено оглас за заварувачи. Ми требаат четворица. Досега буквално никој не се пријавил а почетната плата што ја нудам е 25 илјади денари“, вели Јован Петковски, сопственик на погон за метални конструкции. „Кај мене во фирмата работат 8 луѓе, а имам потреба за уште толку. Подготвен сум и да им понудам обука на оние што сакаат да работат“, вели Петковски.
Преку Агенцијата за вработување во моментов се активни огласи со вкупно 8.270 работни места. Најголем дел од слободните позиции се за ниско квалификувани кадри или за среднисти со стручна подготовка.
„Сите сакаат да бидат адвокати, економисти, наставници. Не сфаќаат дека од сопствениот труд, од физичката работа може да се живее и повеќе од добро“, вели Петковски. „Кај мене во фирма има работници што месечно стигнуваат и до 40 илјади денари, ама тие навистина си ја знаат работата и се продуктивни. Зарем некој ќе земе толкава плата ако работи на шалтер во банка или во нечија адвокатска канцеларија“, прашува тој.
Ова го потврдуваат и анализите на Агенцијата за вработување.
„Некои од работодавачите се изјасниле дека се соочиле со одредени потешкотии при пополнување на работните места, односно неможат да се обезбедат работници од соодветно занимање, заради немање доволно работно искуство, немање на знаења и вештини за извршување на работните задачи кои ги побарува работното место“ се наведува во анализата.
Анализата на Агенцијата за вработување покажува дека на пазарот на труд најмногу се бараат работници со средно образование.
58.3% од новите вработувања се очекува да бидат за луѓе со завршено средно училиште, 25.0% со основно, 8.8% со вишо и 7.9% со високо образование.
Според Агенцијата за вработување на пазарот на труд најбарани професии се и во блиска иднина ќе останат: со завршено високо образование (програмер, машински инженер, градежен инженер), со средно или вишо образование (техничар, електротехничар, инструментален оптичар, референт за продажба), со завршено основно образование (општ работник, хигиеничар, магационер).
Проблемот е пред се во менталитетот – уште од мали децата се насочуваат кон факултет, кон диплома како гаранција за успех во животот. Сепак, реалноста покажува дека квалификуван бравар или заварувач може да заработува и повеќе од правник или од економист.
„Јас имам два сина. Да, точно е дека и двајцата ги запишав на факултет но уште од средно сум ги носел кај мене во компанија да помагаат, да гледаат, да го учат бизнисот. Кога имаме големи нарачки и денес не се срамат да влезат во погон и да помогнат, но мислам дека моето семејство не е типичен пример за нашата земја“, вели Јован Петковски, сопственик на погон за метални конструкции.
Бизнисмените со години предупредуваат дека се потешко доаѓаат до квалификуван кадар, дека пазарот на труд не е прилагоден на нивните потреби.
„Може да се направат реформи за кои не треба долго време и пари, како формализирање на алтернативни форми на вработување – фриленсинг, онлајн работење или работа на далечина, со што би се охрабриле младите да остануваат тука и да работат, а исто време, да бидат заштитени“, изјави неодамна претседателката на АМЧАМ, Дијана Десподов.
Преку активните мерки, преку обуки и доквалификации, државата се обидува до некаде да ги испегла разликите меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд.
Со речиси 18 милиони евра државата ќе го стимулира вработувањето преку активните мерки во чиј фокус годинава ќе бидат младите.
Оперативниот план за 2019 година е наречен „Шанса за сите“ и предвидува највисок износ досега.
Со мерките се очекува да бидат опфатени околу 8.000 граѓани. Тие меѓу другото предвидуваат поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места, раст на платите, како и поддршка за вработување на лица со попреченост.
К. Н.
Извор: Денар