Професорот и член на претседателството на партијата Левица, Димитар Апасиев, пишува дека синот на професорот Љубомир Фрчкоски, кој беше кандидат за претседател и ексминистер за внатрешни и за надворешни работи од редовите на СДСМ, станал директор.
Апасиев не прецизира дали Јон Фрчоски, кој е активист на СДСМ, станал директор во владина или во локална институција, ниту дава други детали за директорувањето.
Јон Фрчкоски, експретседател на Социјалдемократска младина на Македонија (СДММ) и советник на СДСМ, во 2016 година е вработен како оператор во претпријатието „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ).
Тогаш Елена Петковска во име на советниците од ВМРО-ДПМНЕ во скопската општина Центар тврдеше дека „дури и на членовите на СДСМ им е јасно дека младиот Фрчковски не заслужува плата од парите на граѓаните“.
„Тој е ставен за оператор на паркинзи само поради заслугите на неговиот татко, кој сопствениот народ го навредуваше, омаловажуваше и го нарекуваше со погрдни зборови во своите колумни и јавни обраќања. Тој е вработен само поради тоа што неговиот татко додека беше министер за внатрешни работи толерираше шверц, неразјаснети убиства, атентати и слично. До каде оди лудилото и криминалното раководење на СДСМ најдобро може да видиме во Општина Центар и во јавните претпријатија под раководство на партијата“, рече во април 2016 година советничката Петковска.
Пред две недели ЕЛЕМ потврди дека без конкурс на одредено време биле вработени ќерката на спикерот на Собранието Талат Џафери и синот на високиот функционер на СДСМ Мирослав Грчев.
извор:Експрес