Актуелно 16.05.2019 14:41

Арсовска: Ни требаат дела против сивата економија, а ветувања не ни вршат работа

Арсовска: Ни требаат дела против сивата економија, а ветувања не ни вршат работа

Потребно е да почне постапката за доброволна регистрација во прва фаза за нерегистрираните субјекти, а доколку одбијат да се регистрираат, да се применат репресивни мерки со изрекување значителни глоби, зашто во спротивно се ризикува и регистрираните субјекти да преминат во сивата зона.

Ова го порача денеска претседателот на Сојуз на стопански комори Данела Арсовска на денешниот форум „Механизми за елиминација на сивата економија, имплементација и очекувани резултати“ одржан од проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Арсовска посочи дека единствено со функционален механизам може да се справиме со сивата економија, која не придонесува во буџетот и ги руши основите на еднаквост врз кои се темели пазарниот систем.

– Бараме конкретни чекори од страна на институциите како носители на механизмите за справување со сивата економија. Предложени мерки се имплементација во пракса на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност со што би се регулирало работењето во сивата зона, но и здружена акција на граничните премини за спречување шверц. Да се отпочне постапка за доброволна регистрација во прва фаза за нерегистрираните субјекти, бидејќи доколку не се превенира оваа нелојална конкуренција се ризикува и регистрираните да преминат во сивата зона но и да се дестимулираат и да не се регистрираат претприемачите и сите оние кои се охрабриле да се самовработат, рече Арсовска.