Финансии 22.11.2018 16:47

Black Friday – вистински ликвидации или само манипулации

Black Friday – вистински ликвидации или само манипулации
USA-HOLIDAYSHOPPING/BRAZIL

Сè на половина цена“, „Намалување до 60%“, „Шопинг лудило“ – и во Македонија секоја година се погласно се промовира светскиот тренд на попусти по повод Black Friday, но колку се тие реални?

Македонија не може да биде Америка

Она што го гледаме на американските филмови не може да се преслика и во македонските молови.

Од Skopje City Mall кој веќе на големо го промовира настанот објаснуваат дека во Соединетите држави попустите се поголеми но бројот на парчиња и модели е ограничен. Во Македонија повеќе се одело на моделот – помали снижувања но на целиот асортиман.

„Во Македонија и останатите балкански држави, трендот е сосема различен: нема драстични попусти до -80% или -90%, но затоа пак има поголема залиха на производи којашто им е понудена на потрошувачите. Од особена важност е потрошувачите да разберат дека не се изманипулирани, односно дека попустите кои ги најавуваме се реални“ објаснуваат од Skopje City Mall.

Оттаму велат дека проблемот бил што потрошувачите имаат лажни очекувања дека ќе наидат на американски Black Friday.

„Точно е дека полека го преземавме тој тренд и во овој период од годината нудиме попусти, но нашата понуда драстично се разликува: помали попусти и поголема понуда, наспроти помала понуда и квантитет на намалени производи.” – изјавија од менаџментот на Скопје Сити Мол.

Помал пазар, помал попуст

И во другите трговски центри на големо се подготвуваат за претстојниот викенд на попусти. Голем дел од трговците признаваат дека намалувањата на цените не се како во европските и светските метрополи, но тоа било резултат на условите на пазарот.

„Ние не можеме да одиме со драстично пониски цени зашто имаме и помала заработка. Обртот кај нас не се споредува со обртот во развиените земји. Таму продаваат илјадници парчиња па на крајот кога ќе им останат 50 или 100 можат да одат и во загуба за нив а на крајот пак да бидат во ќар за целата колекција. Ние набавуваме многу помалку“ објаснува сопственик на бутик во неврзан разговор.

Законот предвидува казни за несовесните трговци

Законот за заштита на потрошувачите има утврдено строги правила како треба да се означуваат и промовираат попустите.

„Означувањата што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените… треба да бидат реални и вистинити и мора да бидат изразени на еден од следниве начини: со наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена или со наведување на зборовите ‘нова цена’ и ‘стара цена’  или со наведување на процентот на намалување на цената и наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена“ стои во членот 12.

Но, законот оди и чекор понатаму – доколку се промовира попуст, тој мора да се однесува на најмалку една петина од сите производи, а старата цена мора да биде реална и да важела 30 дена пред почетокот на распродажбата.

Законот предвидува и казни за негово прекршување – од 100.000 до 300.000 денари.