Актуелно 15.11.2018 11:09

Буџетот повеќе социјален, помалку развоен, Владата да ги реализира капиталните проекти

Буџетот повеќе социјален, помалку развоен, Владата да ги реализира капиталните проекти

Бизнисот нема време за да издејствува промени врз предложениот буџет за догодина. Владата денеска расправа за обемот и структурата на државната каса, а стопанствениците кои бараа одложување на зголемувањето на персоналниот данок за 5 години, ИТ секторот кој бараше иземање од мерките, бизнисмените кои бараа итно реформирање на Агенцијата за вработување и обука на кадри за дефицитарни занимања, не се оптимисти дека Владата ќе ги вметне нивните сугестии во предлог буџетот пред да го достави до собранието. Велат дијалог има само на хартија, кој не функционира во пракса.

Буџетот е повеќе социјален, а помалку развоен. Владата тврди дека економскиот раст ќе го билдаат инвестициите, но од друга страна ги зголемува платите и социјалните трансфери, па најверојатно повеќе ќе зависи од личната потрошувачка – тврдат бизнисмените. Ако сака стопанството да испорача раст, неопходно е овој пат целосно да се реализираат капиталните инвестиции, а не да се кратат со ребаланс како и секоја година. Неопходно е капиталните проекти да бидат однапред добро испланирани, за тие на крај да не чинат неколкукратно повеќе, туку да донесат пари во што повеќе сектори– бараат стопанствениците.

За бизнисот уште едни парламентарни избори догодина би биле погубни за економијата. Велат едвај застанале на нозе последнава година, па тоа би значело пролонгирано чекање на неопходни реформи. Предлог буџетот догодина се заснова врз проекциите за економски раст од 3.2%, дефицит од 2.5% и инфлација од 2%.