Утрово во пет часот официјално престана да важи одлуката на Владата која се однесуваше на ограничувањето на движењето на граѓаните, а која беше донесена со цел спречување на ширење на коронавирусот. Почнувајќи од 22-ри март, околу 70 дена граѓаните во различни периоди од денот имаа обврска да останат во своите домови и најголемиот дел од нив го направија тоа.
Ова, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес конференција во МВР а посветена на сумирањето на резултатите и активностите од работењето на полицијата во изминатиот период од воведувањето на рестриктивните мерки за сузбивање на епидемијата на “ковид 19“.
Оценувајќи дека граѓаните во најголем дел ги почитуваа мерките на Владата, и заблагодарувајќи се на таквото граѓанско поведение и поддршка, министерот Чулев истовремено им оддаде признание и на сите припадници на МВР, особено потенцирајќи ја улогата и активностите на припадниците на униформираната полиција. “Министерството за внатрешни работи успеа брзо да се екипира, реорганизира и веднаш да ги стави на располагање сите своите капацитети во улога на заштита на здравјето на секој поединец и затоа сум бескрајно горд, среќен и задоволен“, истакна Чулев.
Рекапитулирајќи го изминатиот речиси три месечен период министерот Чулев нагласи дека – “МВР беше ангажирано во контрола на спроведување на одлуките на Владата, понатаму во контрола на лицата во изолација и самоизолација, обезедувањето на државните карантини, спроводот на лицата кои преку хуманитарните конвои се враќаа во нашата држава“, рече Чулев.
Притоа тој презентираше статистички показатели од сработеното: “кога станува збор за почитување и спроведување на одлуката за ограничување на движењето на граѓаните во оваа прилика ќе споменам дека заклучно со денес вкупно 4783 граѓани не ја почитувале одлуката на Владата за ограничување на движењето, од нив вкупно 3110 се приведени од страна на полициските службеници. Вкупно до сега од страна на Министерството за внатрешни работи се поднесени вкупно 2632 кривични пријави за 3137 дела против 3412 сторители. Најголемиот дел од оваа бројка отпаѓа на територијата на главниот град и територијата на СВР Битола, а најдисциплинирани биле граѓаните на општините кои потпапаѓаат под секторите за внатрешни работи Велес и Куманово“.
Во однос на мерките за почитување на самоизолација и изолација министерот Чулев истакна дека се поднесени – вкупно 127 кривични пријави за 156 кривични дела против 169 сторители, а вкупно 5030 лица до сега се спроведени во државен карантин. Исто така тој посочи дека во врска сообврската за носење на лична заштита до сега се констатирани се вкупно 1973 прекршоци, а пак дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР во изминатиот период постапувал по 57 случаи за говор на омраза поврзан со “ковид 19“, при што до сега до Основното јавно обвинителство поднесени 33 известувања и две кривични пријави.
На крајот министерот Чулев констатираше дека грешки и пропусти секогаш се можни – “ некогаш грешевме ние, а некогаш граѓаните. Но, од грешките учиме и сме во можност да се подобруваме и да го подобруваме работењето на полицијата во заедницата што е една од клучните и стратешки приоритети на Министерството за внатрешни работи“.
Министерот Чулев порача дека и покрај намалувањето на рестриктивните мерки насочени кон справување со пандемијата, сепак неопходно е и натаму да се задржи потребното ниво на одговорност и дисциплина и да се почитуваат мерките и одлуките на Владата кои се однесуваат на користење на задолжителна заштитна опрема, забрана за групирање и држење на дистанца, и дека МВР и понатаму останува посветено на контрола на овие одлуки и заштита на здравјето и животот на граѓаните.