Актуелно 02.07.2019 09:03

Цигари: пад на продажбата, раст на потрошувачката? Шверцот се враќа!

Цигари: пад на продажбата, раст на потрошувачката? Шверцот се враќа!

Податоците на Царината покажуваат континуиран пад на прометот со цигари, а оние од Државната статистика раст на потрошувачката. Последната акција во Љуботен докажа дека шверцуваниот тутун зазема се поголем дел од пазарот.

Сѐ помалку контролни маркички

Официјалните податоци од Царинската Управа покажуваат континуирано намалување на легалната продажба на цигари.

Во 2015-та биле издадени контролни маркички за 263 милиони и 500 илјади парчиња цигари. Во 2016-та за 262 милиони и 700 илјади, во 2017-та за 253 милиони и 300 илјади, во 2018-та за 229 милиони и 530 илјади.

Податоците за првите пет месеци од 2019-та покажуваат дека биле издадени контролни маркички за 87 милиони и 200 илјади цигари.

Од друга страна податоците на Државниот завод за статистика покажуваат благ пораст на потрошувачката на цигари. Според ДЗС Македонецот во просек во 2016-та пушел по 2.25 цигари на ден, во 2015-та 2.33, во 2014-та по 1.96, а во 2013-та по 1.78 цигари на ден.

Овие податоци укажуваат дека се зголемува сивата економија во овој дел. Според некои процени по основа на приходи од акциза и ДДВ губи околу 18 милиони евра.

Шверцот на тутун се враќа

Во деведесеттите цветаше шверцот на цигари, но овој тренд полека се враќа иако во изменета форма. Сега на големо по пазарите се продава тутун кој луѓето го купуваат за самите да виткаат цигари.

Бизнисот им е разработен, имаат голем и доверлив круг на купувачи кој постојано се зголемува.

„Денеска немам. Чекам нова испорака која треба да пристигне утре“, објаснува продавачот еден купувач. Не открива од каде го набавува тутунот, но вели дека „нема да згрешиме ако споменеме која било од земјите во регионот“.

По големата акција во Љуботен единствено е видлива поголема претпазливост кај продавачите кои и досега производите и досега не ги изложуваа јавно „на полица“. На тезгата обично се продава нешто друго – влечки или фармерки, а упатените купувачи го бараат она што е скриено под неа – тутунот. Покрај кесичките со тутун, под тезгата се наредени и штеки цигари без или со фалсификувани акцизни маркички.

„Ако еден канал се затвора, друг се отвора. Нема ‘зима’. За нас е празник кога се зголемуваат цените на цигарите. Сѐ додека тие растат и нам ќе ни расте прометот. Луѓето сѐ помалку одат во трафика. Кај нас доаѓаат бидејќи им е многу поевтино. И тие имаат корист, и ние“, објаснува продавачот.

Голема полициска акција во Љуботен

Минатата недела полицијата спроведе голема акција на 13 локации во Скопско, првенствено во селото Љуботен при што беа запленети 12 тони тутун кој бил нелегално.

Приведени на информативен разговор беа четири физички лица кои го купувале режаниот тутун, а потоа со нелегални машини го преработувале и го продавале на црниот пазар.

Таргет на акцијата беа четири правни лица што го увезуваат режаниот тутун вирџинија кој е забранет во земјава и за производство и за продажба. Буџетот за две години бил оштетен за 7.5 милиони евра.

Континуиран раст на цените

Зголемениот шверц е резултат и на постојаниот раст на цените на цигарите. Според последните податоци на ДЗС тутунските производи во мај 2019-та во однос на мај 2018-та биле поскапи за 7.4%.

Поскапување имаше и во јуни кога цената во кутија во просек порасна за 5 денари. Ова е резултат пред сѐ на зголемената акциза. Секоја година на 1 јули се воведува дополнителна давачка од 0.2 денари по цигара односно 4 денари по кутија. Овој процес започна во 2016-та и ќе трае до 2023-та со што во просек една кутија треба да поскапи за околу 40 денари.

Сега во продажба нема кутија цигари под 80 денари, а најскапите достигнуваат и 150 денари.

Македонија со најевтини цигари во регионот

И покрај растот на цените Македонија и натаму има најевтини цигари во регионот.

Според податоците на Евростат (2018-та година) најевтините цигари во регионот можат да купат Македонците (1.95 евра), додека најскапи се во Хрватска (3.50 евра). Во Косово, Србија, БиХ и Црна Гора кутија е од 2.40 до 2.60 евра. Во Албанија се 2.37 евра, а во Бугарија 2.81.

Во Европа, од Македонија поевтини цигари има само во Турција, Русија, Украина и некои други екс-советски земји.

Најскапи цигари во Европа имаат Норвешка, Ирска, Велика Британија и Исланд со цени од 10.32 до 11.54 евра.

Најскапи цигари во светот убедливо има Австралија каде во просек кутија чини 17 евра.