Актуелно 15.10.2018 12:34

ЦСУ дефинитивно не загуби во Баварија поради економски причини – еве ги бројките на раст

ЦСУ дефинитивно не загуби во Баварија поради економски причини – еве ги бројките на раст

ЦСУ, која е сестринска партија на ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел, по полувековна доминација во Баварија го загуби мнозинството во регионалниот парласмент, но дефинитивно причина за тоа не се економските показатели, кои бележат раст и нудат сигурност.

Партијата во најистакнатиот германски регион е на власт од 1962 година и самостојно не владеела во Баварија само во мандатот 2008-2013-та.

Бруто домашниот производ на Баварија минатата година изнесувал 45.810 евра по глава на жител. Побогатите се само федеративните членки Хамбург (64.567 евра) и Бремен. Германскиот просек е 39.477 евра. На дното на листата е источна германска провинција Мекленбург Форпомерн (26.560 евра).

Минатогодишниот баварски раст изнесуваше 2,8 отсто, а цела Германија 2,5 отсто. Од 12,9 милиони жители на Баварија, невработените се само 207,005, а стапката на невработеност изнесува 2,8 проценти, споредено со просекот на Германија од 3,4 проценти.

Невработеноста кај странци во Баварија е поголема и изнесува 6,6 проценти.

Од месец до месец, во текот на оваа година, се зголеми бројот на новосоздадените работни места на евидентирани 135.393 само во септември.

Просечната бруто плата на вработените со полно работно време во Баварија во вториот квартал од оваа година изнесува 4.082 евра. Мажите заработиле 4.310 евра, а жените 3.517 евра.