На официјалната страна на Министерството за финансии закажана е нова аукција на државни хартии од вредност во износ од неверојатни 32,5 милиони евра. Така на страната на Министерството за финансии се објавени проспекти на 15 годишни државни обврзници без девизна клаузула во износ од 900.000.000 денари потоа 5 годишни државни обврзници без девизна клаузула од 500.000.000 денари, 3 годишни државни обврзници без девизна клаузула од 180.000.000 денари и 12 месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 420.000.000 денари.
Владата константно се задолжува без конкретни резултати предупредуваат експертите. Реализацијата на капиталните трошоци во буџетот се катастрофално ниски за првите 6 месеци заклучно со јуни и изнесуваат едвај 17 % односно 16,65%. Ваквата слаба реализација на капиталните инвестиции ќе влијае врз растот на БДП велат познавачите. Нема изградба на патишта, мостови, училишта додека веќе постоечките проекти се сопрени, пишува Лидер.
Додатно, јавниот и државниот континуирано растат. Според државните институции, Владата во изминативе 3 месеци, односно во вториот квартал, повторно го зголемила јавниот и државниот долг. Бројките велат дека , секој ден изминативе 3 месеци, јавниот долг се зголемувал за над половина милион евра или поточно 580.645 евра дневно, додека пак државниот долг се зголемува секој ден за 311.827 евра.
Со вака катастрофални бројки во сите сегменти во економијата на Македонија и се заканува повторно низок раст на БДП од кој зависи и стандардот на граѓаните. Владата проектираше раст од 3,2 % пред почетокот на годината но после катастрофалните резултати на раст на БДП во првиот квартал од само 0,1 % очекувањата се намалија на 2,3 %. Ваквата корекција на растот на земјата ја направија голем број на реномирани институции како Светска Банка и ММФ