До 12 часот Министерството за внатрешни работи нема регистрирано нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето.
Гласањето се одвива мирно, сооопшти на денешната прес конференција Билјана Милевска од Одделот за односи со јавност на Министерството за внатрешни работи.
-До овој момент регистрирани се два случаи со фотографирање на гласачко ливче.Во 09:05 часот, на гласачко место во градинката „Лале- Срничка“ во општина Аеродром- Скопје, претседателот на избирачкиот одбор го забележал Р.Ѓ.(36) од Скопје како со мобилен телефон го фотографирал гласачкото ливче. Р.Ѓ. е приведен и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. Исто така, во 11:40 часот, на гласачко место број 1515 во село Обршани, општина Кривогаштани, К. П. од село Обршани, со мобилен телефон го фотографирал гласачкото ливче и од страна на полициски службеници се преземаат мерки за расчистување и на овој случај, рече Милевска.
Утрово во 06:11 часот во СВР Скопје било пријавено и дека на гласачкото место во основното училиште „Дрита“ во село Рашче била оштетена влезната врата, но избирачката комисија констатирала дека нема проблеми со избирачкиот материјал и гласањето започнало во предвиденото време без проблеми.
-Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните на мирен и достоинствен начин да го искористат своето гласачко право. Секој обид за нарушување на изборниот процес ќе биде бескомпромисно санкциониран- рече Милевска.