Актуелно 13.12.2018 10:49

ЕВН и ЕЛЕМ Трејд единствени во трката за универзален снабдувач со струја

ЕВН и ЕЛЕМ Трејд единствени во трката за универзален снабдувач со струја

ЕВН и ЕЛЕМ Трејд, фирма-ќерка на Електрани на Македонија ќе ја водат битката за универзален снабдувач со струја, фирма што ќе ги снабдува домаќинствата ако самите не направат избор на слободниот пазар. Денеска истече крајниот рок, а единствено овие две компании доставија понуди. Главен критериум за тоа кој ќе го добие милионскиот бизнис е бруто маржата, што вклучува заработка за фирмата, амортизација, оперативни трошоци, покривање на загуби. ЕВН предложи бруто маржа од 14.4%, а ЕЛЕМ Трејд 14.9%. Комисијата за избор на универзален снабдувач во наредните две недели ќе врши евалуација на понудите, по што ќе следи електронско негативно наддавање на двете компании.

Иако рокот за избор на универзален снабдувач истекува за 86 дена од денеска, од Комисијата се оптимисти дека таа ќе заврши многу побрзо, па дури и пред Нова Година. Се уште не се знае со сигурност кога универзалниот снабдувач ќе почне со работа, бидејќи во случај на неуспех, постапката ќе се повтори уште еднаш.

За Комисијата не е зачудувачки тоа што и покрај големиот интерес, од дваесетина снабдувачи со струја, од кои 8 активни, само две компании доставија понуди на јавниот оглас. Причината ја гледаат во тоа што многу од нив немале искуство со опслужување на голем број корисници. Домаќинствата излегуваат на слободниот пазар од први јануари.