Мерната станица за квалитет на воздухот во Кичево не праќа податоци за истиот, што треба тоа да значи!?
Ова е еден извадок од портал во етерот напишан пред скоро 1 година, кој гласи:
„Околу 115 предвремени смртни случаи годишно се последица на емисиите на штетни супстанци емитувани од термоелектричната централа „Осломеј“, се проценува во техничкиот извештај „Здравствено влијание на термоелектричните централи на јаглен на Западен Балкан“, што во 2016 година го изработила група експерти од Алијансата за здравје и животна средина (HEAL) од Брисел, Белгија“.
Според студијата, централата, која работи на нискокалоричен јаглен лигнит, со сегашната технологија емитува 18 пати повеќе сулфур диоксид, двапати повеќе азотни оксиди и дури 21 пат повеќе ПМ 2,5 честички од европските стандарди.
Двете термоелектрани во земјава, ТЕЦ „Осломеј“ и РЕК „Битола“ немаат А-интегрирана еколошка дозвола, но имаат специјален статус и рок до 1 јануари 2028 година да го намалат загадувањето на нивото потребно да ја добијат дозволата.
Типична термоелектрана создава повеќе од 125 000 тони пепел. Токсичните материи во отпадот, вклучувајќи ги арсенот, живата, хромот, ураниумот – директно ја загадуваат почвата и околната вода, забележува Александра Бујароска од еко-здружението „Фрон 21/42“.
Термоелектраните на јаглен, појаснува таа, емитираат значителни количини на прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честички), сулфур диоксид азотни оксиди и јаглерод моноксид, кои имаат директно негативно влијание на живиот свет и човековото здравје.
Долгорочната изложеност на гасовите може да предизвика хронични респираторни болести и кардиоваскуларни заболувања, предупредува Бујароска.
„Други опасни супстанции што ги емитираат електраните на јаглен се тешките метали и неразградливите органски загадувачи, како што се диоксини и полициклични ароматични хемикалии. Влијанието може да биде директно преку дишење или индиректно преку консумирање на контаминирана храна и вода. Посебна загриженост предизвикува контаминацијата со жива, метал кој може да резултира со нарушување на когнитивниот развој на децата и да предизвика непоправлива штета на виталните органи на фетусот. Дополнително, на листата на тешки метали кои ги емитуваат ваквите термоелектрани вклучува и олово, арсен, кадмиум и ураниум“, вели таа.
Бујароска не верува во ветувањата на властите дека при увозот и согорувањето на новиот јаглен ќе се почитуваат еколошките стандарди – додава Бујароска во интервјуто дадено за Radiomof на 10.08.2018 кое целосно може да го прочитате ТУКА
Инаку токму од ноќеска 11.11.2019 понеделник, ТЕЦ „Осломеј“ започна да работи, а емисијата на загадување има голем коефициент. Иако граѓаните на кичево и кичевско на повеќе наврати очекувале филтри за прочистување на целата штетност која излага од оџаците тоа до ден денес го нема.
Многу анализи, документарни емисии, не помогнаа да се заангажираат властите и да го решат проблемот.
Кичевчани јавуваат дека интензитетот не е намален и дека во текот на денот и во наредниот период најверојатно работата ќе продолжи во полн ек, а како што некогаш биле сведоци при вакво стартување после одредени часови се долевало и мазут кој дополнително шири непријатна миризба!
Рано ден во овој град изгледаше денес вака: