Актуелно 29.11.2018 18:38

Ѓорчев: Молам за милост и човештина за обвинетите од 27-ми април

Ѓорчев: Молам за милост и човештина за обвинетите од 27-ми април

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев во денешното сведочење пред судот молеше за милост и човештина кон луѓето обвинети за настаните од 27-ми април.

Тој пред присутните посочи неколку лица кои ги видел на 27-ми април во Законодавниот дом, меѓу кои Мумир Пепиќ, Горан Ѓошевски и Владо Јовановски. За нив рече дека со поглед се договарале, а и извикувале да се смирува ситуацијата и посочи дека имало луѓе по ходници, на скали, луѓе заклучени по канцеларии, како и во подрумот на законодавниот дом. Во дел од своето сведочење тој го спомна и поранешниот прв човек на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и Богдан Илиевски за кој рече дека се видел во наредните денови по 27-ми април и му кажале дека им било жал што се случило насилство во Собранието, пренесе МКД.МК.

По ова Ѓорчев се обрати до присутните и побара да каже, како што рече, нешто што долго му лежело на срце:

„Го молам судот за милост и човечност кон овие луѓе, исто како што молев и замолував на 27-ми април во Собрание да не се тепаат луѓе. Го молам судот да не отиде предалеку со овие луѓе бидејќи овие присутни тука имаат семејства и кога сето ова ќе заврши, кога ќе наполниме по 60 – 70 години, ќе треба пак да се сретнеме на улица и да си кажеме добар ден. Го молам судот за милост“, рече пратеникот Ѓорчев.

На ова жестоко реагираше обвинителката Вилма Рускоска која се обрати до судијката Кацарска и ја праша судијката – на што личи ова судија. „Веќе го предупредивте дека ова е судница, а не собраниска говорница“.

Кацарска, насмеано му рече на Ѓорчев: „Нема да ви земам за зло за ваквата изјава, со оглед дека сте пратеник долги години, па ќе ви простиме. На ова ќе ви одговорам само дека би биле одличен адвокат и одлично би ги бранеле обвинетите во овој предмет“.

Ѓорчев по ова продолжи да зборува заблагодарувајќи се на можноста да го каже тоа што му тежело, се заблагодаруваше до судот, до присутните, до обвинителството и до сите останати по што пред да ја напушти судницата повтоно беше потсетен дека се наоѓа во суд, пренесе МКД.МК.

Најнови вести