Влада во која Оливер Спасовски е министер за внатрешни работи може да ни гарантира нови скандали и владеење на криминалот во Република Македонија. Оливер Спасовски ќе остане запомнат како министер кој наместо да се бори, за целиот свој мандат го штитеше криминалот во нашата земја, изјави на денешната прес-конференција Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Нерасчистени убиства, мафијашки пресметки по улиците секојдневни грабежи, и пораст на криминалот како и несигурност кај нашите сограѓани. Токму Спасовски дозволи Македонија да стане земја во која цвета организираниот криминал и корупцијата. Македонија стана најкорумпирана држава во која градоначалници од власта се претворија во локални шерифи кои под закрила на институциите шверцуваа цигари или тепаа пак граѓани во своите кабинети. Дополнително Спасовски беше закрилник на лица кои рекетираа и ги носеа фамозните милиони евра во Луј Витон куфери кои никој не откри каде официјално завршија. Со свој личен пример покажа како се злоупотребува функцијата министер за внатрешни работи. Го именува сопствениот братучед за началник на граничната полиција, а исто така во случајот со набавка на автомобили без тендер од кумановската фирма донатор на СДСМ со пари од чешка донација. Тука исто така беше проследена и скандалозната набавка на пасоши вредна 20 милиони евра, како и скандалот со прислушкувањето во јавното обвинителство кое што никогаш не беше расчистен. Спасовски беше и е срам за македонската полиција затоа што дозволи да се забошоти случајот кога полицајката наводно се само повреди од пајак, со што директно застана во одбрана на лицата кои ги омаловажуваат и напаѓаат службените лица и за истото тоа остануваа неказнети. Наместо професионализација на полицијата, тој воведе принцип на целосна партизација деградирајќи долгогодишни службеници и на нивно место поставувајќи свои послушници кои наместо борба со криминалот си тераа приватни бизниси. Ете каков кадар Заев на Македонија нуди за да ја води полицијата и во идниот период. Очигледно на Заев му треба докажан помошник кој ќе забошотува криминали а ќе гони политички неистомисленици и на тој начин ќе продолжи да ги заплашува нашите сограѓани. Со истрошен и транзициски кадар како Оливер Спасовски нема да има борба со организираниот криминал во нашата земја. Владата која ја крои Заев треба да биде продолжеток на времето кога полицијата ќе остане само нем посматрач на прекршувањата на законите кои ќе продолжат да го прават подземјето во коалиција со моќниците од власта, истакна Ѓорѓиевски.
Македонија со Заев и Спасовски ќе биде повторно фавела во која ќе владее криминалот и безредието, додава тој.