Во наредниот период се очекува да се намалат продажните цени на градежните фирми, чија бројна состојба и квалитет на механизација и опрема се над нормалата, сметаат раководителите на градежните фирми.
Тие за вториот квартал годинава изнеле поповолна оценка за економската состојба во нивните капацитети во однос на првиот квартал годинава, како и споредено со вториот квартал лани.
Како што објави денеска Државниот завод за статистика, индикаторот на доверба на раководителите во вториот квартал годинава споредено со првиот квартал годинава, како и во однос на вториот квартал лани е поголем за 0,2 процентни поени.
Сегашната состојба со порачки (договори) на нивните деловни субјекти е понеповолна, додека оценката за финансиската состојба е поповолнa во однос на првиот квартал годинава. Нивните очекувањата за вкупните порачки (договори) за градежни работи се поповолни во однос на првиот квартал, а сметаат и дека ќе се зголеми бројот на вработени.
Најголемо влијание врз ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат факторите: зголемени трошоци за материјали со 21,1 процент, нема побарувачка со 20,6 проценти, конкуренција во сопствениот сектор со 13,7 проценти и зголемените финансиски трошоци (камати) со 11,8 проценти.
Во последниот квартал лани градежништвото забалежа пад во БДП од 13,7 проценти, а во првиот квартал годинава намалувањето изнесуваше 37,2 отсто. Клучни причини за таквите состојби, според градежните комори, се запирањето или забавувањето на крупните инфраструктурни проекти финансирани од државата, како и забавувањето на инвестициската активност на приватниот сектор.
Последните официјални податоци покажуваат дека во градежниот сектор има 4.814 активни деловни субјекти, кои вработуваат околу 53.300 лица, или седум отсто од вкупно вработените во државата.лв