Актуелно 19.07.2019 12:52

Граѓаните загрижени за безбедноста на своите деца: Филипче ги префрла зависниците во повеќе општини, се подготвува нов отпор?

Граѓаните загрижени за безбедноста на своите деца: Филипче ги префрла зависниците во повеќе општини, се подготвува нов отпор?

Пациентите кои се вклучени во програмата за третман и превенција на зависности ќе можат да добиваат метадон на пет локации кои им се најблиску до местото на живеење, односно во поликлиниката во населбата Ченто, во поликлиниката „Јане Сандански“, во Психијатриска болница-Скопје, на веќе познатата локација во општина Кисела Вода и во Градската општа болница „8 Септември“, информираат од Министерството за здравство.

По повеќегодишниот отпор од граѓаните на Кисела Вода и цврстото НЕ од оние од Гази Баба, министерството за здравство најде ново решение. Зависниците ќе ги распредели во други општини. Стравот кој го имаа родителите од Кисела Вода и Гази Баба, сега оди на терет на граѓаните од Аеродром, Ченто и Карпош.

Министерот за здравство во изјава за Сител потврди дека со дисперзијата што ја прават, во Центарот за зависности во Кисела Вода ќе останат само мал број на корисници на метадон и не очекуваат проблеми со локалното население.

По кој основ Филипче е сигурен дека граѓаните нема да реагираат, не е познато. И пред објава на локацијата во Гази Баба се пофали дека најде решение, но се повлече откако граѓаните му кажаа дека нема да дозволат зависници да се шетаат во тоа населено место.

Министерот и сите оние околу него, кои ги носат ваквите одлуки, сигурно знаат каде се наоѓа поликлиниката „Јане Сандански“ во скопската општина Аеродром. Така да, сигурно знаат дека во истата има педијатриски оддел за новороденчиња, бебиња и деца. Во близина се наоѓаат две детски градинки, едно основно училиште и еден дом за згрижување на стари лица. Присуството на зависниците од дрога во овој дел на градот е нешто кое, оправдано, ги вознемири жителите.

Кога бил во „Јане Сандански“ да преговара, Филипче сигурно убаво ги видел и условите во кои функционира поликлиниката. Но, додека најавуваше носење на зависници таму, не најави реконструкција, обнова, вложување во опрема и кадар.

Граѓаните на Ченто исто така најавуваат спротивставување на оваа одлука. Нема да дозволат меѓу нивните деца во поликлиниката, да доаѓаат и зависниците.

Ниту оние од Кисела Вода нема да останат мирни иако веќе две децении стравуваат за својата, но најмногу за безбедноста на своите деца. Дел од зависниците остануваат да примаат терапија таму.

ГОБ „8-ми Септември“ изминатиов период се соочуваше со низа проблеми кои беа и повеќе од сериозно. Недостаток на кадар, затворање на оддели… Во такви услови, изгледа само уште зависниците недостасуваа.

Психијатриската болница во Бардовци отвора многу прашања, одлично што ја спомнавте

-Се спремаат пунктовите во Јане Сандански и во Ченто во владение на психијатриската болница во Бардовци која е надлежна за Центарот. Дел ќе бидат и во самата болница во Бардовци. Се спрема распределбата на кадарот од самиот Центар. Мал број нема да се осети во средината каде ќе ја земаат терапијата, изјавил Венко Филипче.

Одлично е што во изјавата, министерот ја споменува психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци бидејќи токму во оваа насока треба да се движат и неговите одговори.

Како што дознава КУРИР од учесници во преговарачкиот процес, првата идеја за дислокација била психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци. Но, при обидот за реализација, стигнале и првите пречки. Имено, иако ова веќе било “договорена работа“, тука жестоко се противел директорот на установата Ќамиљ Ковачи.

Центарот за зависници, во секоја можна смисла, припаѓа на оваа болница. Како што дознава КУРИР, првичниот план бил од Кисела Вода зависниците да се префрлат токму во Бардовци. Но, освен со отпорот од директорот, преговарачкиот тим останал шокиран од ужасните услови на оваа локација.

Вработените во психијатриската болница „Скопје“ работат во мизерни услови. Пациентите се сместени во премногу стари бараки, поделени во повеќе одделенија. медицинскиот кадар секојдневно е соочен со ризик по својата безбедност затоа што и покрај профилот на пациентите, физичко обезбедување нема.

Зошто со молчење помина оваа идеја? Затоа што Филипче има време со месеци да бара локација за зависниците, но нема волја да превземе чекор за пациентите ширум земјава да се лекуваат во достоинствени услови, а вработените да имаат барем нормална работна средина.

Метадонска терапија во овој Центар добиваат околу 500 лица. Сликата околу Центарот е траорна со години.

Игли и шприцеви на секој чекор, а често се гледаа и зависници како конзумираат дрога во околината. Вакво пресликување во своето маало, нема да дозволат ниту граѓаните на Аеродром и Ченто. Отпорот кој го пружија граѓаните од Гази Баба, според најавите на социјалните мрежи, ќе биде префрлен во Аеродром и Ченто. Дали е министерот подготвен да им ги даде потребните одговори на граѓаните и да се соочи со отпорот?