Актуелно 19.03.2019 15:56

Интервју со Митре Милошевски, кандидат за градоначалник на Охрид: Живеам за подобро утре на Охрид и охриѓани

Интервју со Митре Милошевски, кандидат за градоначалник на Охрид: Живеам за подобро утре на Охрид и охриѓани

Живеам за подобро утре на Охрид и охриѓани

Со охриѓани сум цел живот и знаат дека заедно можеме да создадеме уште повеќе за сите нас и за градот, вели доктор Милошевски кој е кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Доктор Милошевски сака слободното време да го помине со семејството, а како што вели сака со нив, со пријателите, со гостите да прошета низ градот. Охриѓани, пак, ќе ви речат за него „човек без валкани раце, со чист образ, без афери и без ниту една црна дамка“, а за него е важно „да не бидеме општество на привилегирана власт и угнетени граѓани“

Кој е приватно Митре Милошевски, кандидат за градоначалник на Охрид?

– Доктор, сопруг, родител, дедо, пријател… Ова сум јас, за оние кои не ме познаваат, а повеќето сограѓани и ме познаваат. Двете деца Моника и Петар ми се голема радост, но тука е внуката Ирина и како велат – кога ќе дојдат внуците тоа е уште поголема радост. Со сопругата Валентина секој слободен момент и го посветуваме на внуката Ирина. Роден сум во Битуше, но цел живот сум во Охрид каде го завршив и средното образование, а потоа одвојувам време и за главниот град, каде го завршив Медицинскиот факултет и специјализацијата по неврохирургија. Освен семејството, моја љубов е медицината, а како доктор во Болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо Охридски“ можам и помагам на секому. Едноставно, моето мото e да помагам, и во добро и во лошо, и секогаш сум тука за сите, никого не делам, не ги двојам граѓаните по ниту еден основ. Секојдневно сум со многу луѓе, и често ми велат „човек си со чисто срце и душа“. Освен семејството и медицината, тука се и пријателите, колегите, гостите… Со задоволство наоѓам време за нив, сакам да направиме муабет, заедно да прошетаме, да го разгледаме Охрид.

Кој беше вашиот мотив да се кандидирате за градоначалник?

– Мојата душа и моето срце живеат за подобро утре, за Охрид затоа што го сакам најмногу на светот. Чувствувам одговорност дека сум потребен во овие тешки моменти за Охрид, но и за Република Македонија. Охрид е бисер на Балканот. Градот има огромен потенцијал. Тука може да се направи многу повеќе од тоа што го имаме во моментов, можеме да понудиме многу повеќе на нашите гости. Со охриѓани сум цел живот и знаат дека заедно можеме да создадеме уште повеќе за сите нас и за Охрид. Еднаш положената заклетва за етичко извршување на должноста во мојата професија како доктор е аманет. Медицината подразбира работа, систематичност, чесност, дисциплина и хуманост. Сето ова ќе го вградам во мојата работа која во целост ќе биде посветена на Охрид и охриѓани. Сакам да оставам нешто за моите охриѓани, за почит и да направивме многу позитивни работи за градот. Секогаш сум бил заедно со граѓаните, сум носел правилни одлуки затоа решив да влезам во оваа трка за Охрид.

Велите Охрид има огромен потенцијал, оттука како го гледате Охрид во наредните четири години?

– Градот и моите сограѓани секогаш се мојата инспирација и поттик за подобро утре. За Охрид мора да има нови проекти за да добие и европски и современ лик. Приоритет за овој град мора да биде долгорочен економски раст, зголемување на конкурентноста и вработеноста, како и подобрувањето на животниот стандард на охриѓани. Охрид треба да биде град на нови работни места и намалување на стапката на невработеност. Модерен град, а сепак традиционален, со проекти и активности, град во кој ќе може да се добие се она што може да го најдете во секој модерен туристички центар. Унапредувањето на туризмот и меѓународната соработка на градот мора да биде на највисоко ниво. Охрид мора да биде град целосно отворен и ориентиран кон туристите, но и град кој ќе се грижи за своите граѓани и ќе ги исполнува и нивните потреби. Охрид го гледам како град со локална самоуправа која ќе биде мала, ефикасна, отворена која ќе се одликува со концепт на работа, чесност, отчетност и одговорност со цел да одговориме на модерните форми на менаџирање со општината. Новите проекти за почист Охрид ќе бидат во насока за чување на општествените добра и заштита на човековата околина. Охрид да биде ризница од културни, традиционални, историски и религиски вредности.

Што ќе кажете за актуелната состојба во која е Охрид?

– Чувствувам дека сум им потребен на охриѓани во овие тешки моменти. Не смееме да бидеме општество на привилегирана власт и угнетени граѓани. Не смееме да дозволиме талентираните да бидат бркани од неталентираните. Не смее да се дозволи користење на општинските добра за приватни цели, туку средствата да бидат наменети во интерес на граѓаните. Мора да има инвестирање и создавање услови за спортување на сите генерации како и политика на унапредување на положбата на ранливите категории. Постои проблем со паркинг места, големи пропусти со хигиена, инфрастуктурата, состојбата на училишта… Охрид е силно угушен и потонат во проблеми. Охрид не заслужува да е на маргините, и
треба да е во центарот на вниманието.

 Може ли кратко еден коментар за ситуацијата во државава?

– Сега имаме понижена држава и понижени граѓани. Ниту живот дојде, ниту нешто се гради. Ништо од ветеното не се реализира, нема реален прогрес, нови инвестиции нема, а старите се откажуваат. Луѓето едвај врзуваат крај со крај. Сиромаштијата се зголемува, над 500 000 живеат под прагот на сиромаштијата, пензиите не се зголемуваат, но затоа даноците се зголемуваат. Кризата предолго трае, а граѓаните тоа го чувствуваат. СДСМ и Коалицијата се на власт веќе две години на централно ниво и повеќе од една година на локално ниво, па наместо проекти гледаме само уназадување. Лоша е состојбата во здравството, нема нови апарати и не се градат нови болници. Нема ништо од ветените високи плати за докоторите и подобри услови за пациентите. Има стагнација во секоја сфера од општественото живеење. Граѓаните се жалат за состојбите во секоја област, земјоделието, образованието и деградација на наставничката професија, културната деградација со нефинансирање на институциите и стопирање на проекти за Охрид. Тоа треба да запре, а силата е во охриѓани и првиот тест за тоа се локалните избори за градоначалник и претседателските избори во дражавата.