Актуелно 17.01.2019 16:25

Јорданов: Јавните претпријатија две недели не можат да се справат со снежната покривка во Штип

Јорданов: Јавните претпријатија две недели не можат да се справат со снежната покривка во Штип

Црнила на национално, црнила на локално ниво! Депресијата и разочарувањата во државата од ден на ден, се‘ повеќе се пресликуваат во Општина Штип. Иако сме во зимска сезона, време е локалните власти да се разбудат од зимски сон!, ова денеска на прес-конференција го истакна Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ ОК Штип.

-Откако падна снегот, граѓаните имаат можност да проценат колкав е капацитетот на оваа локална власт. Јавните претпријатија две недели не можат да се справат со снежната покривка, затоа се уште имаме неисчистени улици, а тоа го оневозможува ЈП Исар да го собере ѓубрето. Секојдневна глетка во секое маало и во секоја населба се неисчистените улици, замрзнати тротоари и преполни канти и контејнери со ѓубре и смет. Но, тоа е само дел од она што го гледаме од оваа тендерска власт. Во изминатиов период нема ниту еден видлив проект, со кој ќе се остварат дадените ветувања. Оваа неспособна власт не може да ги сервисира основните обврски кон граѓаните, а камо ли пак да очекуваме инфраструктурни проекти кои и така одамна ги заборавивме. А онаму каде што се одвиваат некакви активности и зафати, нормално е истите да се завршуваат по неколку месеци, потенцира Јорданов.

Тој додава дека оваа власт е најлошото нешто што се случило на државата и на Општина Штип, неспособноста е вгнездена во сите сегменти на општеството – никакви резултати, никакви проекти, само празни ветувања и сликања, колку да се бидат присутни во јавност.

-Ете затоа, 1000 метри асфалт се преставуваат како најголемо достигнување и отчет на градоначалникот за неговото работење, односно неработење. За да не го потсетуваме градоначалникот што пишува во неговата програма, најдобро ќе биде сам да се потсети и почесто да реализира капитални проекти, наместо да ја полни администрацијата со партиски кадри.