Климатските промени ќе донесат проблеми на љубителите на пивото во наредните децении, бидејќи ќе се намали реколтата од јачмен, кој е главна состојка на најпопуларниот алкохолен пијалок во светот. Тоа го покажа истражувањето на списанието „Nature Plants“, цитирано од светските агенции.
Екстремните временски феномени, вклучувајќи ги топлотните бранови и суши, ќе се случуваат на секои две или три години, во втората половина од векот, ако температурите се зголемуваат со сегашната стапка, според студијата.
Се очекува при екстремни услови просечната светска жетвата од јачмен да опадне за 3 до 17 проценти во зависност од условите, додаваат авторите.
Помалку јачмен ќе значи недостиг на пиво и повисоки цени. Според „најжешкото сценарио“, Кина ќе настрада од најголемиот недостаток во тековното столетие, а потоа следат САД, Германија и Русија.
Цените ќе се зголемуваат најмногу во Ирска, Италија, Канада и Полска. При екстремни климатски услови 0,5-литарските шишиња пиво во Ирска ќе поскапат двојно од 2,50 долари до 5 долари.
Прашањето со пивото бледее во споредба со другите проблеми поврзани со климатските промени, како безбедноста на прехранбеното снабдување, штетите од бури и недостигот на вода за пиење. Заканата за пијалокот, во кој луѓето уживаат илјадници години, сепак е показател дека дури корисниците во развиените земји не можат да ги избегнат последиците од промените на планетата, нагласува Дабо Гуан, водечки автор на студијата и професор по економија за климатските промени во Универзитетот на Источна Англија.
„Климатските промени ќе влијаат на сите нас, не само на луѓето во Индија и африканските земји“, посочува Гуан.
Истражувањето не ги зема предвид последиците кои климатските промени можат да влијаат врз други непроменливи состојки на пивото, како хмељот на пример.
Од гледна точка на корисниците во развиените земји, кои сакаат да го спречат недостигот на пиво, ќе биде мудро да поддржат мерките насочени кон намалување на емисиите на штетни гасови кои според научниците се виновни за затоплувањето на планетата, нагласува Гуан.
Повеќе компании ги сфаќаат ризиците од климатските промени за јачменот, од кој 17 проценти се користат за производство на пиво. Голем број земји одржуваат резерви за итни случаи од основните култури како пченка, ориз и пченица со цел да се спротистават на ценовни скокови или недостатокот. Повеќето сепак не го вклучуваат јачменот во оваа група, што го прави ранлив од климатски феномени.