Американската стартап компанија „Nikola Motor“, која се уште е во сенка на значително познатиот производител на електрични возила – „Teslа“, го претстави својот нов камион со ознаката „Tre“ кој е наменет исклучиво за европскиот пазар.
За разлика од камионот „Tesla Semi“, кој се движи со помош на електромотори и погонски батерии во кои се складира електричната енергија, камионите кои ги проектира компанијата „Nikola“ ќе користат водородни гориви ќелии, па така во самиот камион ќе се генерира електрична енергија за придвижување на возилото.
Новиот камион – „Nikola Tre“, би требало да го има првото тест-возење во 2020-та, додека во продажба би се нашол во 2022-2023-та година.
Овој камион-шлепер на водород ќе биде понуден во повеќе погонски конфигурации, моќ од 500 до 1.000 ks.
Во зависност од верзијата, „Nikola Tre“ со полн резервоар ќе може да мине од 500 до 1.200 km.
Од американската компанија велат дека камионот ќе биде опремен со систем за авто-пилот кој ќе овозможи целосно автоматизирано возење.
Производителот не ги откри плановите за тоа каде ќе се изработува „Nikola Tre“, но најави дека бара соодветна локација во Европа за фабрика во која овој камион-шлепер ќе се произведува.
Компанијата „Nikola“ засега објави само компјутерски рендери од моделот „Tre“, додека премиерата на прототипот ќе се случи во април 2019-та година.
Досега овој производител ги претстави прототиповите на камионите „Nikola One“ и „Nikola Two“, двата за американскиот пазар.