„Со Максо да се сретнеме во парк, а не во болница“, „Диши ако смееш“, ова се само дел од пораките кои кумановчани ги испратија на протестот поради проблемите со загадениот воздух, јави Алфа ТВ.
На протест излегоа и струмичани и граѓаните на Ѓорче Петров.
– Со Максо да се сретнеме во парк, а не во болница, како што гласи мојот транспарент. Нашите барања се да преземат нешто, воздухот да биде почист, да реагираат и да биде подобро за сите нас. Општеството треба да преземе нешто против загадувањето – порачаа од здружението на граѓани „Македонија сака да дише“, кои го организираа протестот.
Тие, подготвија и листа на барања со итни и долгорочни мерки. Долгорочните барања се 5 проценти од буџетот на општината да се намени за мерки против загадување, интензивна гасификација, купување еколошки автобуси како и масовно пошумување на околината на градот.
Граѓаните на Ѓорче Петров порачаа дека не сакаат Чернобил во своето место на живеење и побараа да се отстрани депонијата што им го труе животот.