Актуелно 07.12.2018 16:01

Македонската економија почна да расте, но не со темпо како што ветуваше власта

Македонската економија почна да расте, но не со темпо како што ветуваше власта

Економијата порасна за 3%, објави државната статистика. Најголем раст има кај секторот уметност, забава и рекреација 17%, трговија 9,4% и стручнина и научни дејности 7,7%. Од друга страна во негатива се секторите земјоделство – 4,7%, градежништво – 2,6%, информации и комуникации -1,7%

Извозот во третото тримесечје од годинава порасна за 12%, увозот за 7,5%, а финалната потрошувачка 4,1%.

Во првиот квартал вкупниот раст беше 0,9%, а во вториот и третиот 3%.

За да се достигне владината проекција од 2,8% за цела 2018-та која веќе беше намалена со ребалансот, економијата треба да порасне во последниот квартал, најмалку за 3,3% од владата се оптимисти.

– Веќе првичните резултати што ние ги имаме во нашите институции, а се надеваме дека и статистика ќе ги покаже за четвртиот квартал, очекуваме дека градежништвото ќе бележи раст во однос на претходните години, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Лани Македонија заврши со 0% раст, односно економијата тапкаше в место. Оттука бројките за годинава се потпираат на релативно слаба основа и не се показател дека стопанството вистински закрепнува.

Од Светска банка не сакаа да ги коментираат бројките за раст. Марко Мантованели, претставник на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, исто така оцени дека постои позитивен тренд со оглед на тоа растот од нула проценти во минатата година.

Домашните бизнисмени се оптимисти – економијата полека закрепнува по катастрофалните резултати изминатиот период, особено во градежништвото кое со години беше столбот што го потпираше растот.

Уште од сега е тешко да се замисли дека владејачката СДСМ ќе го исполни предизборното ветување за просечен економски раст од 5% во текот на мандатот. Дури и ако се остварат проекциите за економски раст од 2,8% годинава и 3,2% во 2019-та, во втората половина од мандатот, БДП треба да се зголеми за најмалку 7% годишно.

За следата година проекцијата на владата е раст од 3,2%, на НБРМ 3,5, а ММФ 3,8%.