Актуелно 07.12.2018 18:10

Макфакс: Дупло поскап паркинг за вработените во Клинички центар

Макфакс: Дупло поскап паркинг за вработените во Клинички центар

Советот на Град Скопје во понеделник треба да гласа за предлогот на Јавното претпријатие Градски паркинзи за зголемување на паркингот на вработените во Клиничкиот центар Мајка Тереза, со што се предлага цената за паркирање од 350 денари да се зголеми на 800 денари.

Дел од докторите и останатиот медицински кадар на Клиничкиот центар регираат на ваквиот предлог – одлука, со оглед на тоа што за нив нема ниту посебен паркинг простор, тие мораат да се снајдат во сообраќајниот хаос на Клинички центар.

Имено, власта на СДСМ и министерот за здравство Венко Филипче во одговор на новинарско прашање поставено на прес конференција, ги уверуваше граѓаните дека ќе се изгради катна гаража и тоа во најкратко можно време, но и покрај ова катната гаража остана само на најава.

Во однос на динамиката на изградбата на катната гаража ве уверувам дека ќе го направиме тоа во најкратко можно време, а во однос на изнаоѓање на финансии тоа секако ќе биде приоритет заради тоа што во овој момент хаосот е огромен, вели Филипче.

Докторите реагираат и прашуваат зошто ним како на здравствени работници воопшто им се наплатува паркинг, потенцирајќи дека тие треба да имаат бесплатен паркинг обезбеден со картички како и загарантирани паркинг места.

„Зошто нам како на здравствени работници воопшто да ни се наплатува паркинг? Ние треба да имаме бесплатен паркинг обезбеден со картички, како и загарантирани паркинг-места на кои не смее да паркира никој друг освен ние. Колку за пример, приватните болници не наплатуваат паркинг места за медицинскиот кадар, ниту пак за пациентите. А во државната болница не само што се наплатува, туку и цената расте“, реагира доктор од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ за „Макфакс“.

На прашање поставено од Макфакс од кои причини се зголемува цената на паркингот од ЈП Градски паркинзи изјавија дека нема да даваат никакви изјави додека предлог – одлуката не се усвои од страна на Советот на Град Скопје.

Сообраќајниот неред на Клинички центар е само една од рак-раните на државното здравство. Секојдневни, редици од возила ја блокираат и улицата „Водњанска“ кои чекаат ред за влез, а најдебелиот крај го влечат докторите и пациентите кои носат итен случај до одредена клиника.