Актуелно 07.03.2019 15:44

Малолетничка преживеала хорор во автобус во Кисела Вода: Маж ѝ се заканувал со пиштол, МВР седум дена молчеше за овој случај

Малолетничка преживеала хорор во автобус во Кисела Вода: Маж ѝ се заканувал со пиштол, МВР седум дена молчеше за овој случај

Малолетно девојче минатиот четврток, на 28-ми февруари, било нападнато во автобус со број 24, во скопската населба Кисела Вода.

Прво, насилникот вербално се обратил на малолетничката поставувајќи и прашања со политичка конотација. Девојчето молчело од страв, па човекот кон неа покажал куршум и извадил пиштол. Случајот е пријавен во полиција.

Овој немил настан го немаше во полициските билтени кои МВР секој ден ги испраќа до медиумите.

Таткото на малолетничката ја контактираше редакцијата на КУРИР и нè информираше за случајот.

Како што дознаваме, девојчето преплашено избегало од автобусот веднаш откако насилникот извадил пиштол. Се сокрила и го чекала својот татко да дојде по неа. Тој веднаш го пријавил овој случај во полициската станица „Пролет“.

Од таму му кажале дека ќе бидат викнати на препознавање на лицето, најдоцна до понеделник.

Како што тој истакна во разговор со нашата редакција, нема ниту трага ниту глас по неговата пријава од страна на полицијата.

Цела недела ниту некој го контактирал, ниту нешто е јавно кажано.

КУРИР побара одговори од МВР за тоа до каде е истрагата за овој случај и зошто немилиот настан се криеше од јавноста?

-Во врска со Вашето барање доставено до Одделот за односи со јавност и стратешки прашања, Ве изветуваме за следново: На 28.02.2019 година во 13:00 часот во Полициската станица Кисела Вода С.С.(34) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 12:45 часот на улицата “Димо Хаџи Димов“ во автобус бр.24 непознато лице на возраст од околу 25-30 години на неговата 16 годишна ќерка најпрво вербално и се обратил, по што, според нејзината пријава, од јакната извадил пиштол. Девојката веднаш станала и се симнала од автобусот. Од страна на полициски службеници се превземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР за КУРИР.

Од МВР, во одговорот до нашата редакција, образложуваат дека  освен оваа пријава нема друга пријава за истиот настан од други лица.

Со оглед на фактот што ниту е лицето однесено на препознавање, ниту родителот на малолетничката е контактиран, а од МВР детали за случајот немаат, КУРИР се обрати и до ЈСП.

Ги прашавме дали од страна на МВР до нив е пристигнато барање да се обезбедат снимки од камерите кои се внатре во автобусите.

Овој чекор би бил логичен, со оглед на фактот дека малолетничката е нападната и примила закани внатре во автобусот со број 24.

Но, од МВР немаат побарано снимки кои би биле најголем доказ во решавање на овој случај.

-Не. Од 28-ми февруари, па, до денеска, МВР нема побарано преглед на снимки од автобус на посочената автобуска линија. Во посочениот период, МВР има побарано преглед на снимки од автобус што сообраќа на линија 63, се наведува во одговорот кој ЈСП го испрати до нашата редакција.

Неофицијалните информации кои ги добивме, говорат дека не е прв пат ова лице да напаѓа на ваков или сличен начин. Неофицијално, станува збор за наркозависник кој се лекува во Домот за зависници кој се наоѓа во оваа општина.

Жителите на Кисела Вода постојано предупредуваат на опасноста со која се соочуваат поради локацијата на овој Дом и зависниците кои доаѓајќи таму, се движат и напаѓаат во нивната општина.

Цели седум дена, за овој случај со нападнатата малолетничка,  јавноста не беше запознаена. По добивањето на овие информации, КУРИР одлучи за случајот дека е повеќе од потребно да се информира, со цел да им се предочи на родителите за поголема внимателност, како и да се повика на побрзо решавање на ваквите случаи.

Безбедноста на децата треба да биде огромен приоритет на институциите. Граѓаните, оправдано, се чувствуваат небезбедно во своите општини додека нападите, тепачките, разбојништвата и кражбите се случуваат премногу често.