Денешната прес конференција се однесува на завршните зборови на првообвинетиот и второобвинетата во случајот Рекет, најголемата финансиска и рекетарска афера во независна Македонија, рече Антонио Милошоски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Од она што можеше да се слушне во изјавите од првообвинетиот и второобвинетата се гледа дека обвинителството смислено не ги вештачело целосно нивните телефони, особено на првообвинетиот Бојан Јовановски затоа што во неговиот телефон според тврдењата се наоѓаат докази за комуникација помеѓу него и поранешниот премиер Зоран Заев, за обезбедување на број на пратеници, за влијание врз судството и за рекетирање на стопанственици. Ваквите изјави сметаме дека треба да бидат третирани како допрен глас за Јавното обвинителство и апелираме Обвинителството за борба против организиран криминал под итно да спроведе истрга за можното соучество на Зоран Заев во аферата Рекет или можеби неговата улога на налогодавец на целата оваа финансиска афера. Она што исто така сметам дека во овој случај е битно е дека во телефонот на првообвинетиот во случајот Рекет се тврди дека постои смс порака од 16 април минатата година каде што господинот бивши премиер Зоран Заев на првообвинетиот му испраќа порака: Дојди да се видиме и ќе ги соочиме доказите. Се поставува прашањето како дошле доказите за Рекет до бившиот премиер Зоран Заев на 16 април минатата година, кога истиот Зоран Заев тврдеше дека пријавата за Рекет ја направил на 2 мај? Дали тоа значи дека доказите од обвинителството прво одат на проверка во владата на СДСМ и кај Зоран Заев а потоа дури одат во судница? Сметаме дека доколку е ова точно е скандалозно и не покренува само сомнение за првообвинетиот Бојан Јовановски во “Рекет”, туку остава основано сомнение дека Зоран Заев е соучесник или налогодавец во најголемата криминална афера “Рекет” во изминатите 30 години, истакнува Милошоски.
Истовремено апелираме до ЈО освен детално вештачење на мобилниот апарат на првообвинетиот во случајот “Рекет”, да се изврши детално вештачење на мобилниот телефонски апарат на тогашниот премиер Зоран Заев, истиот оној телефон преку кој што разговараше со лажниот Порошенко. Тоа би биле нашите апели до ЈО и правосудството и ги повикуваме да дејствуваат поефикасно и неселективно, за да може оваа афера да ја добие нејзината вистинска димензија, додава тој.