Техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, обвинува дека нејзината заменичка, дополнителната министерка Санела Шкријељ, ги партизира институциите за време на техничката Влада. Мизрахи обвинува дека оркестрирано им се даваат партиски насоки на директорите на центрите за социјална работа. Таа вели дека е симптоматично тоа што од сите директори на центрите за социјална заштита добиле слични одговори кога прашала дали имаат проблем со имплементирање на реформата за спојување на правата и услугите. Министерката Мизрахи смета дека опструкциите од Шкријељ се небулозни и детски, а на прашањето дали случајот ќе го пријави во надлежните институции, вели: „Почекајте и ќе видите“.
„Вработена во Министерството за труд и социјална работа и кабиентски службеник на дополнителната заменик-министерка Шкријељ преку пораки на една од апликациите за комуникација им дава конкретни насоки на директорите на центрите за социјална работа, односно тие да одговорат позитивно за измените на Законот за социјалната заштита како дел од социјалната реформа. При посетите на центрите за социјална работа од непосредна комуникација со вработените добиваме сознанија и увидуваме дека ситуацијата е повеќе од алармантна. Симптоматично е кога ќе добиете одговори од сите директори на центрите за социјална работа, кои буквално се истите реченици. Од новинарите дознавме дека имало комуникација, каде што се давале насоки како да одговорат“, посочи Мизрахи.
Според неа, кога со својот тим ги посетува центрите за социјална работа, наидуваат на парализирани вработени, кои шепотеле, а вработените на ливчиња со информации дека системот нема да биде функционален.
„Тоа укажува на страв. Но, страв од кого? Ние сме сограѓани. Страв од што? Затоа, ги поздравувам вработените во центрите за социјална работа, кои изготвија петиции и рекоа дека реформата е избрзана, дека не се подготвени, дека немаат доволно обука и дека системот би бил дисфункционален во периодот на предизборието. Ова остава простор да се размислува за манипулација преку Минситерството од страна на заменик-министерката“, додаде Мизрахи.
Техничката министерка Мизрахи вели дека прашањата треба да се решаваат во Министерството, но опструкциите не доаѓаат од неа, туку од нејзината заменичка Шкријељ.
„Треба прашањата да ги решаваме во рамките на Министерството. Во однос на позиционирање на кабинетот и моето доаѓање во Министерството, раката беше подадена повеќе од еднаш. Направивме неколку состаноци за да го износиме товарот во предизборието. Имаме само 100 дена за да покажеме дека сме достоинствени и можеме. Тоа не го дочекавме од спротивната страна, веќе излегуваат на виделина докази за опструкции на работата на кабинетот. Ова е повеќе од небулозно и детско. И навистина е доста“, рече Мизрахи.