Актуелно 27.11.2019 16:47

„МВР се уште молчи за случајот во МНТ со Шверцерите“

„МВР се уште молчи за случајот во МНТ со Шверцерите“

Навивачката група „Шверцери“ во петокот дивееше во новиот објект на МНТ. Спасовски и одговорните во ресорот култура три дена молчеа и го прикриваа вандалскиот чин се додека во јавноста не излегоа снимки од хулиганите, рече на денешната прес-конференција, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Срамно потценување на јавноста е изјавата на Заев дека после пет дена ќе формирал комисија која што ќе ја испитувала одговорноста. МВР ги има снимките од дивеењето во театарот. МВР го знае и идентитетот на хулиганите. Зошто во овие пет дена никој не е приведен, ниту пријавен? Каде е одговорноста на Оливер Спасовски? Кој даде наредба на специјалците да ги пуштат вандалите да си одат дома? Зоран Заев да не си поигрува со граѓаните и нивната интелигенција. Наместо да чека извештаи, кои еве по петти ден по настанот се уште ги нема да понесе одговорност за вандалскиот чин на настанот на „Шверцери“ за кој што знаел. Зоран Заев и Оливер Спасовски да одговорат кој досега ги крие тие што дивееја во МНТ? Власта доколку сакаше да го заштити имотот на МНТ и да го зачува  јавниот ред и мир, можеше уште во петокот вечерта да даде команда на специјалните единици кои беа во близина на театарот да направат обрач и да ги приведат сите инволвирани во овој настан. Самиот факт што немаше акција на специјалците од МВР и што настанот се криеше од јавноста три дена, кажува дека власта сакала свесно да го сокрие овој вандализам. Исто како што ги крие и тие што го одобрија ова вандалско дело. Директна одговорност има во хиерархијата од директорот на МНТ, во заменик министерот за култура, министерот за култура, но пред се најголемата одговорност е во Оливер Спасовски и во Зоран Заев. Дали амнестирањето на тие што не постапија со активирање на специјалните единици е со цел да не се стигне до Оливер Спасовски и Зоран Заев лично!? Истакна Ѓорѓиевски.

Одговорност за настанот во МНТ мора да има, додава тој.