Актуелно 25.10.2019 15:20

Нерамномерен развој – Скопје на врвот, Кратово и Крива Паланка на дното

Нерамномерен развој – Скопје на врвот, Кратово и Крива Паланка на дното

Главниот град е убедливо на врвот во Македонија според економската развиеност. Во Скопје има највисоки плати, најголема продуктивност и најмногу можности. Помалите места сериозно заостануваат зад метрополата.

Ова уште еднаш го потврдува и Државниот завод за статистика (ДЗС) во најновата публикација „Регионите во Република Северна Македонија“.

Платите над просекот само во Скопје

Убедливо највисока просечна плата имаат работниците во Скопскиот регион кој е и единствениот со примања на над државниот просек. Во Скопје нето платата минатата година била 28.125 денари, а во Македонија 24.276 денари. Од другите региони најдобро стои Полошкиот со просек од 22.623. Веднаш зад него е Пелагонискиот со 22.526, па Југозападниот со 21.492, Вардарскиот со 19.870, Југоисточниот со 19.291. Најниско се платени работниците во Североисточниот регион, во просек по само 18.633 денари.

Во 2018-та во однос на 2017-та платите пораснале за 5.9% на ниво на државава, но тоа не било еднакво во сите региони.

„Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната исплатена нето-плата по вработен во Источниот Регион (10.0 %), Вардарскиот Регион (9.1 %) и во Пелагонискиот Регион (6.3 %)“ наведува ДЗС во публикацијата.

Метрополата со најголем БДП по жител

Високата плата е резултат и на високата продуктивност. Скопскиот регион има убедливо највисок Бруто домашен производ (БДП) по глава на жител, 411.575 денари. Следат Југоисточниот со 341.870, Вардарскиот со 302.286, Пелагонискиот со 282.381, Источниот со 266.047, Југозападниот со 222.133, Североисточниот со 168.301. Најнизок БДП по жител има во Полог, само 132.538 денари. Просекот на ниво на Македонија е 286.995 денари.

„Во споредба со просекот во Републиката  поголем брутодомашен производ по жител имаат Скопскиот Регион со индекс 143.4, Југоисточниот Регион со индекс 119.1 и Вардарскиот Регион со индекс 105.3. Сите други региони имаат бруто-домашен производ под просекот на Републиката. Во однос на националниот просек, најмал бруто-домашен производ по жител има Полошкиот Регион со индекс 46.2“ се наведува во публикацијата.

Скопскиот регион учествува и во најголем дел од извозот на Македонија, дури 56.2%. Следат Источниот регион со 11.0%, Пелагонискиот со 9.0%, Југоисточниот со 6.0%, Југозападниот со 3.6%, Полошкиот со 2.3% и на последното место е Североисточниот регион со само 1.0%.

Третина од компаниите се во Скопје

Скопје води и по бројот на активни деловни субјекти. Една третина или 27.612 компании се регистрирани во главниот град. Следат Полошкиот регион со 8.272, Пелагонискиот со 8.118, Југозападниот со 7.209, Источниот со 5.632, Вардарскиот со 5.409 и Североисточниот со 4.078 компании. Вкупниот број на ниво на целата држава е 72.315.

Во Скопје има и најмногу продавници и маркети (над 4 илјади), следат Полог (над 2.700) и Пелагонија (речиси 2.600). Најмалку продавници има во Вардарскиот и Источниот регион (по нешто под 1.600).

Големи разлики и кај невработеноста

Единствено кај невработеноста сликата е поинаква односно Скопје не е лидер. Најниска стапка има Југоисточниот регион, 10.9%. Следат Источниот со 11.5%, Пелагонискиот со 15.3%, Вардарскиот со 15.9%, Скопскиот со 19.3%, Полошкиот со 29.0%, Југозападниот со 29.3%. Убедливо највисока невработеност има Североисточниот регион со 35.9%. Податоците се однесуваат на цела 2018-та година кога просекот на ниво на Македонија бил 20.7%.

Стратегија има, имплементација нема

Македонија има стратегија односно програма и посебен орган кој ја спроведува – Бирото за рамномерен регионален развој кое финансира проекти во посиромашните општини. Според официјалната интернет страница, целите на институцијата се рамномерен и одржлив развој на целата територија на Македонија, намалување на разликите меѓу планските региони и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани. Колку е успешно нивното достигнување покажуваат статистичките податоци.

 

Извор: Денар