Пациентите и граѓаните ќе мора да почекаат, засега ништо од почетокот на изградбата на новиот клинички центар во Бардовци, кој беше најавен во март оваа година. Министерот за здравство, Венко Филипче, тогаш кажа дека оваа локација е избрана по препораките од експертската јавност и дека бил прифатен предлогот на Асоцијацијата на архитекти.
-Разгледувавме повеќе локации, таа што најмногу ја разгледувавме е локацијата во населбата Бардовци, многу блиску до постоечката психијатриска болница. Таму кај што има некој пристапни патишта, но се планира да се направи нов пристапен пат, изјави Филипче на 9-ти март оваа година.
Иако, Филипче имаше многу пофални зборови за најавениот нов Клинички центар во Бардовци, за кој кажа дека и бил послушан гласот на граѓаните и лекарите, сега вели дека ќе се прават дополнителни анализи дали може да се помине поевтино и истиот можеби да биде направен побрзо.
-Се формираше работна група која што ги разгледува алтернативните локации на локацијата во Злокуќани, затоа што во меѓувреме излегоа места кои заслужуваат да им се обрне внимание и да сериозно анализираме од повеќе аспекти дали ние ќе имаме земјиште кое што за многу пократко време и за многу поевтини пари ќе биде спремно административно да таму се гради новиот Клинички центар, изјави Филипче денеска.
Инаку, со последниот ребаланс на буџетот пред помалку од еден месец, средствата предвидени за гасификација и изградба на Клиничкиот центар во Скопје, беа префрлени на други ставки.