Актуелно 18.05.2020 10:08

Партиските лидери на нова средба за датум на избори

Партиските лидери на нова средба за датум на избори

Партиските лидери кои во вторникот беа на средба кај претседателот Стево Пендаровски, денеска напладне повторно кај шефот на државата ќе разговараат за термин кога да се одржат предвремените парламентарни избори. Во октомври лани тие беа закажани за 12 април, но беа одложени со уредба на Владата поради прогласувањето вонредна состојба и ризикот од ширење на коронавирусот. Учество на денешната нова средба во Вила Водно потврдиле сите поканети лидери.

Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, на средбата се поканети лидерите на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, на Алтернатива, Африм Гаши, на Движење Беса, Билал Касами и претседателот на ДПА, Мендух Тачи, како и претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Оливер Спасовски.

Кабинетот на претседателот Пендаровски по средбата на 12 мај соопшти дека е договорено да се побара мислење од Комисијата за заразни болести за мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување изборни процеси во време на пандемијата и дека Државната изборна комисија е потребно да достави мислење за временските рокови потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес.

Беше договорено и да се побара мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите.