Законот за трговија на зелените пазари е одложен на една година. Парламентарното мнозинство гласаше за одложување, а опозицијата побара целосно укинување на законското решение , но не го доби. Сега е предвидено на јавни дебати со сите засегнати страни да се направи нов предлог Закон.
Трговците остануваат на ставот дека не сакаат да вадат лиценци и бараат пензионерите да можат да продаваат на зелените пазари. Пазарџиите денеска на писмено побараа средба со премиерот Зоран Заев. Од владата им соопштија дека барањето е испратено до архивата и ќе биде доставено до премиерот. Но, дали и кога ќе бидат повикани на средба, пазарџиите засега не знаат.
„Со штетниот закон на СДСМ се воведуваат казни од 1.500 до 2.000 евра и се бркаат пензионерите и хонорарците од зелените пазари. Законот кој што го донесе СДСМ директно ќе удри на најмалку 20.000 граѓани кои што егзистираат продавајќи на зелените пазари“, рече Љупчо димовски, СПМ.
„Време е конечно овој проблем да се реши. Мислиме дека со одложување од една година, сите засегнати страни да седнат на заедничка маса и да се најде вистинско решение кое ќе значи сузбивање на сивата економија и заштита на интересите на сите“, изјави Костадин Ацевски, СДСМ и коалицијата.