Економија 12.03.2019 17:50

Почна 6. саем за вработување и пракса „Контакт 2019“

Почна 6. саем за вработување и пракса „Контакт 2019“

На кампусот технички факултети денеска беше отворен шестиот саем за вработување и пракса „Контакт 2019“. Саемот се состои од едукативен и саемски дел.

„Организацијата на овој саем е добра можност компаниите во најдобро светло да се прикажат пред студентите со сите свои можности за вработување и пракса. Од друга страна, студентите имаат можност да ги покажат своите биографии и вештини и на овој начин да најдат заеднички интерес за вработување, пракса или каков било вид соработка. УКИМ секогаш ги поддржува ваквите настани каде што има можност за интерактивна комуникација меѓу студентите и компаниите“, порача ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски.

Ректорот потенцира дека, според анализите, досега има повеќе од 150 успешни приказни на вработување во компании од страна на студенти што биле на пракса и ги усовршиле своите знаења и вештини.

За деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Димитар Ташковски, „Контакт 2019“ е успешна идеја и добитна комбинација во која Факултетот учествува уште од самите почетоци.

„Со овој настан компаниите први стигнуваат до студентите. Исто така, студентите имаат можност да реализираат практична работа во овие компании. Наш интерес е да се остварува оваа комуникација меѓу студентите и компаниите“, рече Ташковски.

Продеканката за финансии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Весна Димитриевска, објасни дека овие настани, всушност, значат можност за надополнување на теоретското со практично знаење и дека бенефитот од нивната организација го чувствуваат и двете страни.

Ања Дамеска во име на организацискиот одбор рече дека на саемот се присутни 23 компании и бизнис-акцеларатори.