Хотелиерите во Хрватска бараат работници за сезонска работа.
Тие од крајот на минатата година ја почнаа потрагата по околу 30.000 сезонски работници од Славонија, Далмација, Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Србија, кои им се потребни за годинешната туристичка сезона. Најголемите хрватски хотелски компании, даваат поголеми плати од 10 до 20 отсто, а со ова на сезонците им се нудат и бесплатно сместување и храна.
На хрватскиот пазар на труд лани се јави недостиг од готвачи, келнери, собарки, рецепционери, трговци, хигиеничари и други работници за приготвување и служење храна. Во овој период беа потребни 23.652 сезонски работници, а биле вработени помалку. За 2019 година процените се дека ќе бидат потребни десет илјади сезонци повеќе, затоа што годинава се завршуваат големите инвестиции во туризмот.
Владата на Република Хрватска утврди годишна квота за вработување странци, која за 2019-та изнесува 65.100 дозволи, а за сезонската работа во туризмот и угостителството се планираат 5.000 дозволи. Квотата за новите вработувања на странци за годинава во областа на туризмот и угостителството изнесува 10.611 дозволи, што значи дека на хрватските хотелиери и угостители им се потребни околу 15.000 работници од странство.
И претходните сезони им фалеа работници, а се споменуваа бројки од 17.000 до 20.000 сезонци.