Актуелно 14.11.2018 16:11

Поради енормното загадување секоја година „Козле“ е полно со пациенти

Поради енормното загадување секоја година „Козле“ е полно со пациенти

Поради енормното загадување на воздухот секое второ болно дете минатата година се лекувало од респираторни болести. Децата се најпогодени, особено во грејната сезона, кога концентрацијата на цврстите честички е зголемена.

Скопје и натаму високо котира на листата на најзагадени градови во Македонија. Високите концентрации на ПМ10 честичките достигнуваат и до повеќе од десет пати од дозволеното. Според Светската банка во студијата „Зелен раст“ процени дека Македонија е на прво место на листата за изложеност на граѓаните на загаден воздух со цврсти честички.

Земјата е и на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух. Поточно, според Светска банка аерозагадувањето во Македонија убива 1.350 луѓе годишно, а македонската економија трпи штети од 253 милиони евра како резултат на високиот број случаи на прерана смрт, трошоци во здравството, намалената продуктивност на населението и отсуството од работните места на граѓаните. Децата се најосетливата група на сите загадувања од животната средина, а пред сè од аерозагадувањето, посочуваат од Институтот за јавно здравје.

„Пред сè затоа што имаат организам во развој, затоа што имаат позабрзано дишење и поголема глад за воздух од возрасните и затоа што се немоќни што било да сменат. Значи ги чекаат нашите акции и политики. Така што, бројни се последиците од аерозагадувањето по разни делови на организмот, а кај децата фокусот е врз белодробниот систем“, велат тие.

Чистиот воздух претставува еден од клучните елементи за здравјето, не само на децата, туку и на возрасните. Освен врз респираторниот систем, загадениот воздух, влијае и врз целиот организам и може да се јават главоболки, поспаност и малаксаност. Анализата на Институтот за јавно здравје покажува дека околу 50% од децата кои побарале лекарска помош имале респираторни проблеми. Што значи дека респираторните проблеми кај децата се најзастапени и се наоѓаат на првото место на табелата. Месеците декември, јануари и февруари се со највисоки стапки додека јуни, јули и август со најниски стапки на болни.